Поранешната премиерка на Велика Британија, Лиз Трус, беше во Вашингтон за да ги убеди скептичните републикански пратеници да продолжат да ја поддржуваат Украина, пишува „Политико“.
Од двете страни на Атлантикот, се надеваат дека Трус може да помогне да се префрли дебатата на американската десница од изолационизам кон активна меѓународна улога за која се залагаат и британскиот премиер, Риши Сунак, и американскиот претседател, Џо Бајден.
Но, ниту еден од нив не ја сака Трус.
На патување во САД замина едвај една година откако со својата понижувачка оставка го заврши катастрофалниот мандат на британски премиер со најкраток стаж.
После завршувањето на својот само 49 денови долг престој во Даунинг стрит, Трус се обидува да се наметне како застапник на десничарските политики ширум светот.
Таа беше во Вашингтон како дел од делегацијата на Конзервативните пријатели на Украина (ЦФУ), заедно со колеги поранешни лидери на ториевците, Иан Данкан Смит и Мајкл Хауард. Тимот имаше напорен распоред, со дваесетина закажани состаноци со конзервативни американски пратеници и тинк-тенкови.
Доаѓањето на британската делегација се совпадна со судирот меѓу Бајден и републиканските пратеници, кои го одложуваат барањето за испраќање дополнителни милијарди долари воена помош за Украина. Конгресот двапати оваа есен усвои нацрт-закони за трошење кои го изоставија финансирањето за одбраната на Украина.
Републиканците се обидоа да ја поврзат поддршката за Украина со мерките за зајакнување на контролата на границата меѓу САД и Мексико.
Поранешниот претседател Доналд Трамп, кој најверојатно ќе ја обезбеди републиканската номинација за претседателските избори следната година – и за кој анкетите покажуваат дека води пред Бајден во голем број клучни држави – го дели овој скептичен став за помошта за Украина.
Трамп уште во мај одби директно да каже на чија победа во војната се надева: на Украина или на Русија.
Високи дипломати од двете страни на Атлантикот се надеваат дека Трус би можела да помогне да „се излезе на чистина“.
Еден официјален претставник на Велика Британија вака ја опиша делегацијата: „Тие носат поавтентичен глас на онаа врста републиканци кои сакаат да разговараат со луѓето од нивната партија – тие не се оптоварени со владината политика и не мора да кажуваат убави работи за администрацијата на Бајден. Ако републиканските претставници таквиот пристап го ценат повеќе од владиниот, тогаш тоа ќе биде добро.“
Екстремно десничарската агенда на Лиз Трус можеби резултираше со катастрофа во Даунинг стрит, но тоа ја прави посимпатична за републиканската десница.
Нема убави зборови за администрацијата на Бајден, туку експлицитно ја поддржа Републиканската партија пред нејзиното патување, пишувајќи во текст во „Вол Стрит Журнал“ оти се надева дека „републиканец ќе се врати во Белата куќа во 2024 година“.
„САД мора да имаат конзервативно раководство кое е доволно храбро непријателските режими да ги нарекува како зло и закана“, истакна Трус.
На дневен ред делегацијата немаше средба со Трамп. Наместо тоа, Џејк Лопрести, член на парламентот од Ториевците, рече дека групата се фокусирала на пратениците пред очекуваното гласање во Сенатот следната недела.
„Ги таргетиравме републиканците кои се про-Трамп или го поддржуваат за да се обидеме да ги натераме да размислуваат стратешки“, рече тој.
Лопрести посочи дека нивната порака до републиканците е едноставна.
„Ако сакате да избегнете конфликт во иднина, мора да имате силно средство за одвраќање. Во целиот свет постојат проблеми. Сè е помалку исто како во 1930-тите. Поевтино е, почисто и побрзо тоа стварно да се реши сега. Испратете порака дека во 21 век нема да дозволиме луѓето туку така да навлегуваат во туѓи земји. Украина е независна нација, слободна, демократска. Има право да одлучува сама за себе“, истакна тој.
Џон Е. Хербст, висок директор во Атлантскиот совет – и поранешен амбасадор на САД во Киев – вели дека неговиот тинк-тенк ја поддржува делегацијата бидејќи се согласува дека Вашингтон има „клучна улога во обезбедувањето пораз на Русија во Украина“.
„Кога ториевските претставници ќе дојдат во САД за да им објаснат на популистичките републиканци дека нивниот политички став за Украина е голема грешка, мислиме дека треба да бидат поддржани“, рече тој.
Оваа делегација ги следи стапките на Борис Џонсон – уште еден поранешен британски премиер кој патуваше во Вашингтон неколку пати оваа година за да ги убеди колебливите републикански пратеници да ја поддржат Украина.
Џонсон им се обрати на ручек организиран од проукраински тинк-тенк длабоко на републиканска територија во Далас, Тексас, каде на присутните им рече дека победата на Владимир Путин ќе има „страшни последици“.
Тој потсети на тврдењата на Кина за Тајван, главна надворешнополитичка грижа за американските политичари од сите бои – особено на републиканците.
Данкан Смит, кого Кина го санкционираше поради критикување за состојбата со човековите права, на сличен начин предупреди во говорот во Фондацијата Херитиџ дека конфликтот во Украина и кинеските закани за Тајван се „поврзани со новата оска на тоталитарните држави“.
„Игнорирањето на едното значи умножување на опасноста од другото“, рече тој и истакна дека ако Украина загуби или биде принудена на некој лош договор со Русија, тоа ќе биде најсилниот сигнал дека слободниот свет нема да застане на страна на Тајван.
(Фото: Тим Хамонд – Даунинг Стрит)







