Врховен суд: Апсењето на Едмонд Темелко е законско

Кривичниот совет на Врховниот суд одлучил дека лишувањето од слобода на осомничениот градоначалник на Пустец, Едмонд Темелко, на 12 февруари лани, на барање на Специјалното јавно обвинителство, било законско.

Одлуката ќе биде потпишана и објавена следните денови, пренесува порталот „Сакам да кажам“.

Барање за заштита на законитоста на постапката било поднесено од СЈО, кое од Основниот суд Скопје 1 и од одбраната на осомничениот, беше критикувано дека издало законски непоткрепен налог за негово лишување од слобода.

Едмонд Темелко е еден од главните осомничени во истрагата „Титаник“, која се однесува на сомневања за изборни нерегуларности вршени во 2013 година.

Врховниот суд смета дека обвинителот од Специјалното јавно обвинителство правилно го применил законот, бидејќи станува збор за специфична постапка.

Осомничениот има двојно државјанство, два пасоши, македонски и пасош на Република Албанија, па оттаму основани се  сомневањата на обвинителот за опасност од бегство, дека можеби ќе станел недостапен и нема да даде изјава.

Одлуката е донесена пред повеќе од два месеци, но уште не е потпишана и објавена. Треба да ја потпише тогашната претседателка на Кривичниот совет, Лидија Неделкова.