Гевгелискиот Совет избра нов претседател

Тодор Ристов, дипломиран правник од редовите на СДСМ, вработен во Агенцијата за вработување во Гевгелија, денеска е избран за нов претседател на Советот на Општина Гевгелија, откако досегашниот Ташко Дојчинов поднесе оставка по изречената јавна опомена од ДКСК поради судир на интереси.

Пред изборот на Ристов за нов претседател, Советот со кој претседаваше  Магдалена Делковска, го констатираше престанокот на мандатот на Ташко Дојчинов како член на Советот, а веднаш потоа го верификуваше и мандатот на новиот општински советник Петар Јанчев кој беше следен на советничката листа на СДСМ.

До поднесување на оставката од функцијата претседател на Советот на општина Гевгелија, Дојчинов ја извршуваше и функцијата член на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос чиј член ќе остане и понатаму.