Герасимовски: Центар ќе произведува и ќе продава струја

LinkSense.mk

Општина Центар ќе биде првата општина која ќе формира сопствено Јавно претпријатие за производство и продажба на електрична енергија.

Градоначалникот Горан Герасимовски во вчерашното гостување во емисијата „200“ на „Алсат“ зборуваше за мотивот, постапките и почнатите процедури за реализацијата на овој проект.

Идејата за неговото формирање е енормното зголемување на цената на струјата и потребите за заштеда во општинскиот буџет.

„Правиме евалуација за капацитетите на општината, односно јавните објекти, училиштата, градинките и паркинзите каде првично се планира да бидат поставени фотоволтаичните централи, колкав ќе биде трошокот за формирање на претпријатието и колкави ќе бидат придобивките. Целта ни е тие да обезбедат заштеда на буџетот. Секако, вишокот на електрична енергија ќе се продава на отворениот пазар. Заштедените пари ќе ги пренасочиме кон проекти како нови фасади на училиштата, стипендии, улично осветлување, нови проекти за повозрасните, поголемо зеленило, подобро уредени паркови и игралишта, поголеми инфраструктурни зафати во општината и друго“, изјави Герасимовски.

Во овој момент, истакна тој, фокусот на општината е формирање на општинското претпријатие и поставување фотоволтаични електрани на јавните објекти под капа на општината. Потоа, се разгледувала варијантата, проектот да се прошири и во станбените згради каде енергијата ќе биде искористена за осветлување во заедницата односно во домовите, заедничките простории, лифтовите и продажба на вишокот електрична енергија која ќе донесе нови развојни инвестиции во Центар.