Германија во недела ќе бира нов состав на Бундестагот

LinkSense.mk

Во недела, во Германија ќе се одржат избори за нов состав на Долниот дом на Федералниот парламент, Бундестагот, на кои германските гласачи решаваат кој ќе раководи со земјата во следниот период.

Изборите во Германија се следат во целиот свет, пред се во ЕУ, имајќи предвид дека, според многумина, Берлин е последниот бастион на одбраната на Унијата, па тоа кој ќе раководи со германската Влада ќе има влијание и врз целиот европски блок.

Последните анкети на јавното мислење предвидуваат убедлива победа на конзервативниот блок предводен од германската канцеларка Ангела Меркел, кој го сочинуваат Христијанско демократска унија (ЦДУ) и нејзината баварска сестринска партија, Христијанско социјалната унија (ЦСУ).

Блокот ЦДУ/ЦСУ според анкетите се очекува да освои меѓу 36 и 37 отсто од гласовите, далеку пред актуелниот коалициски партнер Социјалдемократската партија на Германија (СПД) на поранешниот претседател на Европскиот парламент, Мартин Шулц, која може да се надева на од 22 до 23 проценти поддршка.

Во „трка за титулата“ трета по јачина партија во Германија на овие избори се дури три партии – екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АФД), која има поддршка меѓу 10 и 12 отсто, како и партијата Левица (Линкс) и либералната Слободна демократска партија (ФДП), кои, според анкетите, може да се надеваат на меѓу девет и 11 проценти од гласовите.

Изборниот праг од пет проценти ќе го мине само уште алијансата Зелени, која се очекува да добие меѓу седуми и осум отсто од гласовите, додека сите останти 14 партии учеснички на изборите заедно уживаат поддршка на меѓу четири и пет проценти од гласачите.

Доколку се остварат ваквите прогнози, ниту една партија не ќе може самостојна да формира влада, па ќе мора да се оди на нов коалициски кабинет, како што е случајот со актуелната „голема коалиција“ меѓу демохристијаните и социјалдемократите.

Токму затоа веднаш по изборите, во пресрет на кои меѓусебно остро се критикуваа, веќе од понеделник се очекува партиите да почнат да наоѓаат начини за здружување со цел да обезбедат стабилно парламентарно мнозинство.

Во игра се неколку можни коалиции, во кои комбинаторките влегуваат сите парламентарни партии со исклучок на АФД, имајќи пред вид дека сите останати партии кои се очекува да освојат места во Бундестагот најавија дека нема да коалицираат со екстремните десничари.

Како најверојатна постизборна коалиција, аналитичарите ја споменуваат  онаа меѓу блокот ЦДУ/ЦСУ и СПД, која и сега управува со земјата. Оваа „црно-црвена“’ коалиција на двете најголеми партии, би ги имала зад себе гласовите на најголемиот број Германци и според многумина, би гарантирала стабилност на земјата.

Но, во прилог на ваквата коалиција не оди расположението на гласачите на СПД, имајќи предвид дека, според една анкета, дури 71 отсто од проврзаниците на социјалдемократите се против продолжување на „бракот“ меѓу оваа партија и ЦДУ.

Втора, можна коалиција би била „црно-жолтата“, која би ја формирале ЦДУ/ЦСУ и либералната ФДП. Ваква коалиција управуваше со Германија во периодот од 1982 до 1998 година, како и од 2009 до 2013 година. Оваа коалиција, според аналитичарите, би била идеолошки „најприродна“, бидејќи би ги здружила партиите на десниот центар и на центарот, но нејзиното фомирање ќе зависи првенствео од тоа дали либералите ќе освојат доволен број пратенички места, за да и обезбедат парламентарно мнозинство на партијата на Меркел.

Доколку, ЦДУ/ЦСУ и ФДП заедно немаат мнозинство, тогаш би била можна и „црно-жолто-зелената“ или „Јамајка“ коалицијата, односно заедничка влада на демохристијаните, либералите и зелените. Но, оваа коалиција се оценува како малку веројатна, имајќи предвид дека мнозинството членови на Зелените, повеќе се наклонети кон коалициска соработка со левицата, отколку со десниот центар.

Токму затоа, аналитичарите сметаат дека за зелените попожелна од „Јамајка“, би била „левата“ или „црвено-црвено-зелената“ коалиција на СПД, Левицата и Зелените. Сепак, повеќето аналитичари ваквата коалиција ја оценуваат како тешко оствралива, имајќи предвид дека партијата Левица инсистира на повлекување на германските војници од меѓународните мисии, па дури и на истапување на Германија од НАТО. Но, од друга страна, ваквата коалиција е речиси единствената можност Шулц да ја преземе канцеларската функција.

Во игра е и „црвено-жолто-зелената“ или „Семафор“ коалицијата, во која би учествуваче социјалдемократите, либералите и зелените и која, исто така, би значела дека Меркел ќе мора да ја напушти канцеларската функција. Но, според аналитичарите, ваквата коалиција е само теоретски можна, имајќи ги предвид „преголемите разлики во платформите“ на трите партии.

Некои аналитичари ја споменуваат како можна и „црно-црвено-зелената“ или „Кенија“ коалицијата на ЦДУ/ЦСУ, СПД и Зелените, но сепак таа е многу малку веројатна имајќи предвиде дека демохристијаните и социјалдемократите заедно ќе имаат сигурно мнозинство во Бунедстагот и ќе немаат потреба од трет партнер.

Независно од поголемиот број комбинаторики, мнозинството аналитичарии проценуваат дека Меркел ќе остане на местото канцелар и по неделните избори. Тие сметаат дека единствена непознаница е кои партии ќе влезат во кабинетот „Меркел 4“, односно во владата што ќе ја формира Ангела Меркел во нејзиниот четврти канцеларски мандат.

Доколку остане канцелар и по овие избори, Меркел ќе се изедначи по бројот на мандати на канцеларската функција со Конрад Аденауер и Хелмут Кол.