Германија не се откажува од задолжителните вакцини, десничарите се бесни

LinkSense.mk

Германскиот канцелар Олаф Шолц вчера го имаше својот прв актуелен час во парламентот каде што опозицијата го „нападна“ со прашања за тоа како и кога неговата коалициска влада планира да ја воведе контроверзната задолжителна вакцинација против ковид-19.

Шолц стана канцелар на почетокот на декември минатата година, откако формираше коалиција меѓу неговите социјалдемократи (СПД), Зелените и либералите (ФДП).

Конзервативците, сегашната опозиција по десет години на власт, го искористија тој час, колку што имаат за настап, за да ја обвинат владата дека не сака јасно да каже кога ќе воведе вакцинација.

Ќе се однесува на сите постари од 18 години

Шолц планира за законот да се гласа во парламентот, наместо одлуката да ја донесе владата, што опозицијата го смета за недостиг на решителност.

Важно е за тоа да може да се изјасни секој пратеник“, рече Шолц во парламентот.

Јас сум во секој случај за задолжително вакцинирање и активно ќе се борам за тоа“, посочи канцеларот, напоменувајќи дека тоа ќе се однесува за сите постари од 18 години.

Десничарите ја прекинаа седницата, развија транспарент

Воведното обраќање на Шолц беше прекинато по само неколку секунди од незадоволните претставници на екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) кои кренаа транспаренти на кои пишуваше „Слобода, а не поделба“.

Поделбата се однесува на тврдењата на АфД дека владините пандемиски мерки го делат германското општество.

Уште не се знае кога ќе биде воведено

Засега не се знае кога ќе биде воведена задолжителната вакцинација, бидејќи партиите не се согласуваат во тоа како тоа да се направи. Шолц претходно изјави дека Бундестагот треба да одлучи за ова, на почетокот на февруари или март, но тоа изгледа малку веројатно.

Ова е чувствително прашање за коалицијата во која либералните пратеници се меѓу најголемите скептици во врска со задолжителното вакцинирање.

Вакцинацијата е и главна тема на редовните протести против владините мерки во кои се вклучени илјадници луѓе ширум земјата.