Германската влада ја укори десницата: Не патролирајте на границата со Полска

LinkSense.mk

Германски безбедносни официјални лица ги предупредија денеска групите на крајната десница да не патролираат долж источната граница на земјата со Полска, поради порастот на бројот на мигранти кои илегално ја преминуваат границата последниве неколку недели.

Екстремистички групи, вклучувајќи ги и крајно десничарските партии “Трет пат“ и „Слободни саксонци“, ги користат социјалните мрежи за да регрутираат луѓе за свои патроли, пренесе новинската агенција АП.

Државата има монопол на легитимна употреба на сила“, изјави шефот на домашната разузнавачка агенција во Саксонија, Дирк Мартин Кристијан.

Тој рече дека овој потег ја одразува тактиката која ја користеа десничарските екстремисти во текот на приливот на бегалци во 2015 и 2016 година, како и во текот на неодамнешните протести против локдаун како начин за справување со пандемијата со корона-19. Германските власти пријавија пораст на бројот на луѓе кои илегално влегуваат во земјата преку Полска последниве недели. Во одделни денови полицајците откривале и по стотина луѓе дневно.

Многумина од запрените се Ирачани и Сиријци кои дошле со авион до Белорусија, а потоа успеале да преминат во Полска, од каде стигнуваат до Германија со надеж дека ќе поднесат барање за азил.

Јенс Шобрански, портпарол на германската сојузна полиција, рече дека патролите им пречат на полицајците да ја работат својата работа.

Надзорот на границата е работа на државата и ние ја извршуваме таа задача“, истакна Шобрански за АП.