Главниот германски вирулог се сомнева дека има нов вид коронавирус

– Прашање е дали нов вид на вирус е виновен за забрзаниот раст на бројот на случаи во југоисточниот дел на Англија или нешто друго, смета водечкиот германски вирулог.

Зборувајќи за новиот вид коронавирус што избувна во Велика Британија, Кристијан Дростен се сомнева дека можеби се работи за недоволно почитување на мерките или тие не биле доволно строги.

– Изјавите дека овој вид е 70 проценти позаразен од претходните, не се ништо друго освен тврдења на политичари. Одеднаш, се појави таа бројка и никој не знае што значи тоа, рече Дростен, раководител на одделот за вирологија во берлинската универзитетска болница Шарите, една од најголемите во Европа, за радиото Дојчландфунк.

Дростен смета дека во моментов нема доволно податоци за да се каже дали новиот вид на вирус е поопасен од претходните. Тој додава дека таквите податоци може да пристигнат дури за неколку недели. Тој верува дека можеби новиот вирус не е виновен за брзото ширење на вирусот на југоистокот на Англија.

– Прашање е дали вирусот е виновен или се работи за локално жариште, или можеби епидемиолошките мерки не биле доволно строги, а потоа пренесувањето се случила во област каде владеел нов вид. Прашањето е дали тој нов вид предизвика бран на заразувања, или тој бран само го донесе, рече Дростен.

Тој објасни и дека е прерано да се зборува за тоа дали новиот вид на корона се шири побрзо.

– За да го знаеме тоа, би морале да видиме кој заразил кого и колку траело тоа, рече германскиот експерт, додавајќи дека „би било изненадување ако главните параметри, како што е инфективноста на вирусот, одеднаш се променат толку драстично“.

Дростен исто така рече дека слични мутации на коронавирусот веќе се случиле за време на пандемијата, па нагло исчезнале. Според него, новиот вид нема да влијае на ефикасноста на вакцините. Тој објасни дека имунолошкиот одговор што се јавува за време на вакцинацијата е многу сложен процес врз кој тешко може да влијаат малите промени во вирусната структура.

Сепак, тој додаде дека официјалните лица се во право кога се претпазливи во врска со новиот вид, но оти нивниот пристап може да се промени кога имаат повеќе информации.