Гокчек: Убиството на амбасадорот е за нарушување на односите меѓу Турција и Русија

Градоначалникот на Анкара, Мелих Гокчек изјави дека смртоносниот напад кој денес беше изведен врз амбасадорот на Русија во Турција претставува обид за нарушување на односите меѓу Турција и Русија.

Гокчек ова го изјави пред болницата во која беше префрлен рускиот амбасадор Андреј Карлов, откако беше застрелан на изложбата на фотографии „Русија во очите на Турците“ во галерија во Анкара.

Турските власти, после нападот кој во познатата галерија „Чагнаш Санатлар Меркези“ во Чанкаја, го изведе припадник на полицијата, ја зајакнаа безбедноста во околината на руската амбасада во турската престолнина.

Нападот е извршен еден ден пред најавеното патување на шефот на турската дипломатија Mевлут Чавушоглу во Москва, каде што со рускиот и иранскиот колега требаше да разговараат за Сирија.

ankara-7

Атентатот се случи по повеќедневни протести во Турција поради улогата на Русија во Сирија, при што демонстрантите ја обвинија Москва за кршење на човековите права во Алепо, иако Москва и Анкара сега блиску соработуваат во евакуацијата на граѓаните од тој сириски град.

Западните медиуми оценуваат дека нападот на рускиот амбасадор во Анкара претставува еден од најсериозните облици на „прелевање“ на сирискиот судир во Турција, потсетувајќи дека односите меѓу Москва и Анкара одамна се затегнати поради војната во Сирија, во која двете држави, Русија и Турција, ги поддржуваат спротивставените страни.