Поголемиот дел од Словенија вчера го зафати силно невреме, некои места останаа без струја, дрва паѓаа на патиштата, а дел од нив беа затворени, пишува словенечкиот весник „Дневник“.
Силен ветер уриваше дрва, а имаше и град.
Посебно непријатно беше на подрачјето на Кршко, од каде што доаѓа видео, во кое се гледа град го засипува местото и автомобил кој поминува по патот.
Како што јави сиол.нет, град кој паѓал во Долењската област имал пречник од дури 7 сантиметри.
На места поради последиците од невремето затворени се локални и државни патишта, а илјадници домаќинства останаа без струја.
Според попладневните податоци од словенечкиот Центар за информирање, најсилното невреме било во Помурје, а пријави за поплавени згради, срушени стебла и прекин на струја има и од Горење, Корушка, Штајерска и Приморска.
Две лица се повредени во Горењско.
Силниот ветер собори голем број стебла, некои од нив паднаа врз автомобили, згради, далноводи, предизвикувајќи еден пожар и неколку прекини на струја. Оштетени се многу покриви, а многу подруми се поплавени.







