Гори кај Атина и на Крит, има загинати, повредени и исчезнати

LinkSense.mk

Голем пожар ги зафати населбите западно од Атина, меѓу грчката престолнина и Коринт. Куќите во тој планинаски крај би можеле да се срушат под налетот на огнената стихија, заради што жителите масовно ги напуштаат. Цела една борова шума изгоре. Огнот го зафати и поширокото подрачје на градот Ханја на островот Крит.

Три болници близу Атина се наоѓаат во приправност, за да можат да примат повредени лица, ако за тоа има потреба.

Властите предупредија дека ризикот од шумски пожари е многу висок, затоа што температурите на Егејското море поминаа над 40 степен.

Весникот „Катимерини“ пишува дека пожарот западно од главниот град го гасат 30 противпожарни возила и 70 пожарникари, како и пет авиони и два хелихоптера.

На снимките на грчката ТВ Скај јасно се гледа дека пламенот ги зафатил куќите, додека луѓето бегаат со коли и мотоцикли.

Грчките пожаникари потврдија дека на Крит во борбата со пламените јазици на планината Геранеја учествувале пет противпожани авиони и два хелихоптера. Огнот кој избувнал во селското подрачје меѓу градовите Ханја и Ретимно, го „пренасочи“ сообраќајот на другите региони на овој остров.

Поради силните ветрови на ова подрачје, но и високите температури кои се движат околу 42 степен, гасењето на пожарот денеска беше многу отежнато. Иако густ чад којшто се извиваше над подрачјето зафатено со огнот беше видлив од околните плажи, туристите ниту еден момент не беа загрозени.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас ќе ја скрати посетата на Босна и Херцеговина и итно се враќа во земјата, каде што беснеат големи шумски пожари.

Во пожарот на најголемиот грчки остров Крит, изгоре Грчкиот воен музеј. Противпожарните служби неколку часови се бореа со огнена стихија, но и покрај тоа, внатрешноста на зградата, како и покривот кои беа претежно од дрвена конструкција, потполно се уништени.

Заменик на шефот на грчките спасувачки служби, Митилијадис Милонас изјави за државната телевизија ЕРТ дека едно лице загина во пожарот во источниот дел во областа Атика, како и дека 25 лица се повредени, од кои шест се во исклучително тешка состојба.

Медиумите јавуваат дека десет лица, најверојатно туристи од Данска, исчезнаа откако бегајќи од пожарот влегле во чамец и се упатиле во непознат правец.

Крајбрежната стража на Грција почна акција за нивно пронаоѓање и спасување.

Грчките власти побараа од локалното население во крајбрежните области во близина на Атина да ги напуштат домовите додека се активни и беснеат шумските пожари, а од безбедносни причини затворен е еден од најпрометните грчки автопати.

Агенцијата Ројтерс јавува дека јагленосани остатоци од четири лица се наоѓаат на улиците на селото Мати, кое е уништено во пожарот. Новинарот на Ројтерс наведува дека во прашање е крајбрежно село кое се наоѓа источно од Атина.

Грција бара помош од Европската унија за да се избори со шумските пожари, кои уништија куќи и примора илјадници луѓе на бегство.

Портпаролот на Цивилната заштита, Спирос Георгиу, за агенцијата АП изјави дека формалното барање ќе биде составено доцна вечерва.

Одлуката била донесена откако регионалните власти прогласиле вонредна состојба во источните и западните делови на поширокото подрачје на Атина, затоа што пожарите поттикнати од силните ветрови ги зафатиле борови шуми и населените места од двете страни на грчката престолнина.