ГРЕКО: Николовски не може да го спроведува Кодексот на однесување на функционерите

Групата земји против корупцијата на Советот на Европа (ГРЕКО) за петтиот круг на евалуација упати 23 препораки до Македонија, и во својот извештај објавен официјално денеска во Стразбур, заклучува дека земјата на задоволително ниво спроведе четири препораки содржани во Извештајот.

Од преостанатите препораки, девет се делумно имплементирани и десет не се имплементирани, пренесува МИА.

Петтиот круг на евалуација на ГРЕКО се однесува на „Спречување корупција и промовирање интегритет кај централната власт, на лица на кои им се доверени највисоките извршни функции и на органите за спроведување на законот.“

Во однос на највисоките извршни функции, се вели во извештајот, усвојувањето на новиот Етички кодекс за лица кои вршат највисоки извршни функции е за поздравување. Со него за прв пат се воведоа правила за интеракција со лобисти и трети лица кои сакаат да влијаат на јавниот процес на одлучување.

Ревизијата на владината Уредба за прифаќање подароци во јавните институции, вклучително и централната власт, како и изготвувањето на Практичниот водич со јасни индикации за тоа како да се идентификуваат судирите на интереси, исто така претставуваат позитивни случувања.

Членовите на владата, заклучиле европските антикорупционери, биле обучени за Кодексот, судир на интереси и други прашања кои се однесуваат на интегритетот.

Негативна забелешка е давањето на имплементацијата на Кодексот на однесување во рацете на заменик-премиер Љупчо Николовски.

Николовски има надлежност да истражува и санкционира прекршувања и истовремено треба да обезбеди и доверливо советување и собирање докази за прекршувања на Кодексот, а тоа не е прифатливо и не е компатибилно со практиката на ГРЕКО.

Загрижува постојаното отсуство на проценки на ризикот за интегритет и редовните проценки на влијанието на мерките за интегритет во централната власт.

Иако во буџетот на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) се внесени значителни финансиски ресурси, таа сѐ уште не е целосно функционална и не може правилно да ги извршува своите должности според законите кои се на сила во моментот.

Посебна загриженост е значителниот број на судир на интереси и случаи на откривање на средства кои опфаќаат лица кои вршат највисоки извршни функции, обработени од Антикорупциска.

Не изгледа, исто така, дека е спроведена соодветна анализа на практичната примена на санкциите за судир на интереси и други повреди на интегритетот, ниту пак дека овој режим на санкционирање е ревидиран за да се обезбеди дека ги исполнува предусловите за ефективност, пропорционалност и обесхрабрување.

Во однос на агенциите за спроведување на законот (полицијата), позитивно е што информациите за буџетот, активностите, одлуките, управните постапки и јавните набавки на Бирото за јавна безбедност – една од најтајните владини структури – станаа подостапни на Интернет.

ГРЕКО, исто така, го поздравува опсежното вклучување на полицискиот персонал на различни нивоа, синдикатите и граѓанското општество во изработката на новиот Етички кодекс за полициските сили. Кодексот, се наведува во извештајот, нуди соодветно практично упатство за очекуваното етичко однесување и регулира прашања како што се судир на интереси, помошно вработување, пријавување на неетичко однесување, итн. Се преземаат подготвителни чекори за воведување на тестирање на интегритетот за лица кои влегуваат во полицијата, како и полициски персонал во текот на целата нивна служба. Надворешниот надзор на полициските сили од страна на Канцеларијата на Народниот правобранител и Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција изгледа соодветен. Спротивно на тоа, останува да се изврши преглед на ранливостите и ризиците на корупцијата во полицијата и редовна евалуација и проценка на влијанието на годишните антикорупциски програми на полицијата. Што е најважно, оперативната независност на полицијата треба да биде усогласена со стандардите на Советот на Европа за демократско полициско работење и нејзината деполитизација да биде обезбедена во закон и во пракса.

ГРЕКО забележува дека е неопходен напредок за да се демонстрира прифатливо ниво на усогласеност со препораките во следните 18 месеци.

Согласно на својот Деловник, ГРЕКО го поканува шефот на Делегацијата на Македонија да достави дополнителни информации во врска со спроведувањето на неисполнетите препораки до 30 септември 2022 година.

ГРЕКО на крајот ги поканува властите на Северна Македонија што е можно поскоро да го одобрат објавувањето на овој Извештај.