Ако народот се прашуваше на изборите, ВМРО-ДПМНЕ со Коалицијата ќе беше на чело на влада.та, но овој пат се случи нешто друго и сега живееме во помрачување, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на митингот во Тетово.
„Ако бараме добро во тоа зло што и се случи на Македонија, добро е што народот може да направи разлика. Од времето кога се работеше и се создаваше, кога се градеше и се решаваа проблеми, кога се зацврстуваше државата и кога се бранеа националните и државните интереси.
„И да се направи разлика со ова време кога незаконски се работи и насилнички, кога се работи спротивно на волјата на народот, кога се склучуваат штетни договори како оној со Бугарија каде се прифати да се менува историјата на македонскиот народ, каде што се прифати да се откажеме од македонското малцинство во Бугарија и каде се направија отстапки на штета на Македонија, се прават максимални обиди да се донесат неуставни закони, време во кое едно се зборува, а друго се прави, порача Груевски.
„Во секое зло може да се најде по нешто добро. Да се направи разлика од времето кога растеше економијата, извозот, растеа девизните резерви, кога индустриското производство беше континуирано во раст. И да се направи разлика со денес кога има пад на индустриското производство, кога се запрени сите градежни проекти и економијата паѓа.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека кога тие биле на власт субвенциите, платите, пензиите, социјалната помош растеа, а сега кога СДСМ е на власт субвенциите се условени, платите намалени, рече Груевски.







