Грујевски е болен, одложено судењето за „Тврдина 2“

Рочиштето за предметот на Специјалното Јавно Обвинителство „Тврдина 2“ во кое првообвинет е Горан Грујевски, началник од УБК, се одложи за 23 мај поради болест на Грујевски.

Од Специјалното Јавно Обвинителство реагираа дека Грујевски, кој освен во „Тврдина 2“ е обвинет и во неколку други предмети на СЈО, одел редовно на работа во МВР и по датумот од кога му е почнато боледувањето.

Од обвинителството истакнаа дека доколку се покаже дека навистина се појавувал на работа, тие ќе бараат притвор за Грујевски.

Одбраната реагираше дека обвинителите од СЈО не можат да вршат процена на здравствената состојба на обвинетиот и дека тие знаеле за неговите хронични здравствени проблеми.

Исто така, судијката наведе дека обвинетиот Грујевски не е најден на домашната адреса, па затоа не можеле да му достават покана.

Обвинителот од СЈО, Трајче Пеливанов, во изјава за медиумите рече дека ќе побараат проверка на боледувањето и оправданост за отсуство на рочиштето.