Грчките студенти на нов протест во Атина

За да го изразат незадоволството за промените во образовниот систем и укинатиот студентски имунитет, грчките студенти за денес закажаа нов протест во Атина.

Меѓу другото, тие се против промените во постдипломските студии, против изедначување на дипломите од приватните колеџи со оние од универзитетите, но протестираат и против укинатиот студентски имунитет, jави дописничката на МИА од Атина.

Студентите одржаа демонстрации и минатиот четврток, кога се случија мали инциденти, кога се обидоа да го пробијат полицискиот блок, а полицијата одговори со солзавец и шок бомби при што беше повредено едно лице.

Во текот на денешниот ден, во грчката престолнина ќе се одржат уште два други протести што се поврзани со новиот закон за доделување азил што денеска е пред пратениците и се очекува во вечерните часови да биде ставен на гласање.

Синдикатот ПАМЕ на Комунистичката партија на Грција за 13 часот закажа собир и протест кон грчкиот Парламент, а во попладневните часови, антирасистичките здруженија и организации со демонстрации ќе го изразат нивното незадоволство од новиот закон.