Гутереш: „Станавме оружје за масовно уништување на планетата“

LinkSense.mk

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, вчера, на церемонијата на отворањето на ЦОП15 (COP15) за биолошката разновидност истакна дека сме станале „оружје за масовно уништување“ и време е да ставиме крај на нашата „војна“ против природата, заради што ги повика земјите да донесат храбри одлуки.

„Со нашиот незаситен апетит за неконтролиран и нееднаков економски раст, човештвото стана ‘оружје за масовно уништување’ на планетата“, предупреди тој на почетокот на конференцијата во Монтреал на која гледа како на „прилика да се стави крај на оваа оргија на уништување“.

Откако дојде на функцијата генерален секретар на ОН, во 2017 година, Гутереш ја стави борбата против климатските промени за еден од неговите приоритети.

Неговиот огнен говор на почетокот на конференцијата покажува дека во срцето ја има судбината на флората и фауната и загрозените екосистеми – кризи кои се меѓусебно поврзани.

Гутереш зборуваше после канадскиот премиер, Џастин Трудо, чиј настап беше прекинат со удирање на тапаните од десетици домородни претставници таму.

„Геноцид над автохтоните народи = екоцид“ и „Ако сакате да ја зачувате биолошката разновидност, престанете да ги окупирате нашите земји“, пишуваше на транспарентот што го држеа неколку минути проследено со аплауз од дел од салата, по што беа мирно спроведени кон излезот.

ЦОП15 мора да се соочи со големи предизвици: на милион видови им се заканува исчезнување, една третина од копното на земјата е сериозно нарушено, плодната почва исчезнува, а океаните забрзано пропаѓаат поради загадувањето и климатските промени.

Хемикалиите, пластиката и атмосферското загадување ги задушуваат земјиштето, водата и воздухот, а затоплувањето на планетата поради согорувањето на фосилните горива предизвикува климатски хаос – со топлотни бранови, шумски пожари, суши и поплави.

Повеќе од 190 земји учествуваат од 7 до 19 декември на конференцијата ЦОП15 за биолошка разновидност со цел да се постигне договор за природата за следниот десетгодишен период.

Но, исходот од преговорите за дваесетина цели кои треба да ги зачуваат екосистемите до 2030 година, се уште е неизвесен.

„Денес не сме во хармонија со природата, напротив, свириме многу поинаква мелодија, а таа е какофонија на хаос што се свири на инструменти на уништување, заклучи генералниот секретар на ОН.

 

 

 

 

 

 

 

(Фото: Мануел Елиас)