Два месеци Ковид-19 во Грција – 2.560 заразени и 130 починати луѓе

Ако рестриктивните мерки беа 42 километарски маратон, тогаш Грција ги „трча“ последните девет километри до „целта“ односно до нивното завршување, со оглед на тоа дека земјата ги поминува последните денови од ограничувањето на движењето на граѓаните, што е во сила од 23 март, а завршува на 4 мај 2020 година.

Паралелно јужниот сосед веќе точно два месеци „живее“ во ритамот на
пандемијата со Ковид-19.

Дописничката на МИА од Атина ги анализира изминатите два месеци во
Грција, почнувајќи од првиот регистриран случај до 2.560-те потврдени случаи заклучно со синоќа, но и постепеното одлучување за носење на
рестриктивните мерки, како и планот за нивно постепено укинување од
следната седмица.

Првиот позитивен случај беше регистриран на 26 февруари во Солун, 16
дена подоцна беше регистрирана и првата жртва, а бројот на позитивни
случаи започна постепено да се зголемува, а со тоа и грчката Влада
постепено да презема мерки.

Од 8 март, кога во земјата беа регистрирани 73 случаи, дојдоа и првите мерки, за две седмици подоцна, кога Грција имаше 695 заразени и 17
починати да се воведе и целосна забрана за движењето.

Најголем број смртни случаи (девет) беа регистрирани на 4 април, а најголем број позитивни случаи во еден ден имаше во вторникот на 21 април, вкупно 156 од кои 150 во хотел со бегалци и мигранти.

Седмицата пред Велигден започна драстично да се намалува бројот на заразени лица, а во средата имаше само седум нови случаи и ниту еден починат.

Од 2.560 заразени лица од почетокот на епидемијата, 47 пациенти се во критична состојба односно приклучени на апарати, оздравеле 269 лица, односно 10,73 отсто од вкупниот број, а заклучно со вчера, активни се
2.107 случаи.

Најголемиот број заразени, 44 отсто се на возраст меѓу 40 и 64 години, а меѓу позитивните на новиот коронавирус има и деца до 17 години односно 3,59 проценти од вкупниот број.

Од смртните случаи, 74,14 отсто се над 65 годишна возраст, 25 проценти од 40 до 64, а само 0,86 отсто се на возраст од 18 до 39 години.

Повеќе од половина од позитивните случаи (1.401) се во периферијата Атика, поширокиот регион на Атина, а најмалку има на Света гора– четири и на островите во северниот дел во Егејско Море, осум случаи.

Новиот коронавирус не ги заобиколи ниту бегалците и мигрантите кои живеат во Грција односно се појави и во два бегалски кампови во близина на Атина, како и во хотел на Пелопонез во кој се сместени баратели на азил, а сите, експресно беа ставени во карантин за дополнително да не се прошири вирусот.

Грција се наоѓа ниско на листата европски земји во однос на позитивните случаи на еден милион жители, има 240, а само Украина и Бугарија имаат помал број.

Во однос на смртните случаи, има 12, на еден милион население.

Но, исто така е меѓу петте земји во Европа со најмал број направени анализи, заедно со Бугарија, Молдавија, Албанија и Украина.

Од почетокот на епидемијата, заклучно со вчера, односно за 60 дена, направени се 63.087 тестови или 6.053 на еден милион население.

Попладнето на Грците „резервирано“ за професорот Циодрас и
заменик-министерот Хардаљас.

Во периодот на пандемија и препораката „Остануваме дома“, мнозинството од Грците секојдневно ги следат прес-конференциите во Министерството за здравство.

Од 16 март професорот епидемиолог Сотирис Циодрас и заменикминистерот за цивилна заштита Никос Хардаљас, секојдневно во 18 часот ги информираат граѓаните за последните податоци поврзани со
Ковид-19 во земјата.

Според истражувањето спроведено од агенцијата за рејтинг „ MARC“ за грчката телевизија „Алфа“, објавено пред десетина дена, дури 66, 7 отсто
од анкетираните секојдневно или речиси секојдневно ги следат пресконференциите во Министерството за здравство, а професорот Циодрас е особено популарен меѓу Грците и 94,6 отсто од анкетираните има позитивно (или веројатно позитивно) мислење за него.

Циодрас често говори за новите истражувања и новите податоци на
светско ниво за новиот коронавирус, ги информира и советува граѓаните, додека пак Хардаљас се осврнува на оперативниот дел односно на активностите во негова надлежност и во надлежност на Секретаријатот за цивилна заштита.

Грција ги трча последните девет километри од маратонот рестриктивни мерки

По маратонот рестриктивни мерки, од 4 мај Грција ќе го започне вториот, можеби и потежок маратон–постепено укинување на мерките.

Владини претставници посочуваат дека станува збор за долг и бавен процес, а професорот Циодрас вели дека тоа е маратон, а не спринт.

„Секоја земја спроведува стратегија и оваа стратегија треба да се базира, не на општествениот притисок, туку, според мене, на научните податоци. Досега, се движевме на овој начин и на ист начин ќе продолжиме да се движиме и во прашањето на укинувањето на „локдаун“. Невозможно е еден „локдаун“ да продолжи додека да се најде вакцина, за која нема да знаеме ни дали е ефективна. За која, како што велат научниците од СЗО, може да бидат потребни од 12 до 18 месеци. Па така земјата да остане една и пол година во „локдаун“?“, вели професорот Циодрас.

Комплетниот владин план за олабавување и постепено укинување на рестриктивните мерки се очекува, утре или во следните денови да го соопшти грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, во ново, шесто по ред обраќање до граѓаните од почетокот на епидемијата.

Преодниот период се очекува да трае околу две месеци, односно да биде во неколку фази во текот на мај и јуни.

Постепено ќе се тргаат мерките, а веројатно е дека почетокот ќе биде со малите продавници и со фризерските салони и салоните за убавина.

Ќе следат училиштата, веројатно прво за матурантите, за да се подготват за полагањето на државната матура.

Постепено ќе се отворат и кафулињата, рестораните, баровите.

Главен критериум за преминување од една во друга фаза ќе бидат заштитата на јавното здравје, како и епидемиолошките податоци.

Секако враќањето во нормала ќе значи и одредени нови задолжителни навики за граѓаните, носење маска во затворен простор, држење два метри растојание, а во продавниците, веројатно ќе се воведе правилото што важи за супермаркетите едно лице на 15 метри квадратни.

„Во секоја фаза, ќе се оценуваат влијанијата врз здравјето на населението и ќе се движиме напред седмица по седмица“, објасни портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас на брифингот со новинарите во четвртокот.

Но, до 4 мај и понатаму во сила е целосната забрана за движење на граѓаните, со шесте исклучоци (супермаркет, аптека, банка, физичка активност, шетање милениче и слично).

„Сакам повторно да истакнам дека мерките се во сила до 4 мај и ова го кажувам за да не почне некој да се подготвува и да размислува за екскурзии за прв мај. Пренесувањето на вирусот може веќе и е концентриран во конкретни области, но вирусот е тука и може да е било каде и удира на ист начин како и претходно. Додека да се најде вакцина и ефективне начин за справување со вирусот, нашето секојдневие нема да биде исто како претходно. И ова треба да го сфатат сите“, порача вчера заменик– министерот за цивилна заштита на Грција, Никос Хардаљас.

Со затворените хотели, прекинатите летови и забраната за движење на
граѓаните, Атина веќе над еден месец е тивка и празна како никогаш досега.

Центарот на грчката престолнина што 365 денови во годината е полн со туристи и локално население, сега е целосно замрен.

Сепак, сѐ уште останува енигма кога и на кој начин ќе започне да функционира туризмот во Грција и дали тоа ќе се случи во текот на јуни или јули, како што најавуваат дел од министрите во грчката Влада.

Како и да е, и туризмот, односно, туристичката сезона се очекува да биде
вклучена во планот на Владата за постепено враќање во нормала.

Развојот на настаните и бројките во Грција во изминатите 60 дена:

–26 февруари: Прв случај на Ковид-19, позитивен тест на жена од Солун, која се вратила од Италија;

–27 февруари: Потврдени уште два случаи/се одложуваат сите карневали во Грција, што требаше да се одржат во следните три дена;

–9 март: Откажани сите летови од и кон северна Италија

–10 март: Одлука да се затворат сите образовни институции (училишта, градинки, Универзитети);

–12 март: Прв смртен случај од Ковид-19 / одлука да се затворат судовите, кината, театрите, ноќните клубови, фитнес центри, детските игралишта со лулашки;

–13 март: Почеток на кампањата „Остануваме дома“/ одлука да се затворат трговските центри, кафулињата, рестораните, таверните, спортските центри, музеите, ски центрите и плажите;

–15 март: Одлука за прекин на авионскиот, железничкиот и патниот сообраќај со Северна Македонија и Албанија/ прекинување на сообраќајот со Шпанија и Италија

–16 март: Се затвораат религиозните објект за верниците/ одлука за затворање на продавниците од 18.03 (со исклучок на супермаркетите, аптеките бензинските пумпи);

–18 март: Забрана за јавни собири на групи од над 10 лица;

–19 март: Одлука за затворање на хотелите;

–22 март: Четврта видео порака на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис– соопшти целосна забрана за движењето на граѓаните;

–23 март: Воведена целосна забрана за движењето до 6 април, дозволено излегување само за посета на супермаркет, аптека, лекар, банка, на лице кое му е потребна помош, како и за физичка активност и шетање домашно милениче/ прекинато поврзувањето со Турција и Велика Британија;

–26 март: Грчката авиокомпанија „Ејџиан ерлајнс“ привремено ги
прекинува сите летови во странство до 30 април;

–28 март: Регистрирани над 1.000 случаи со Ковид-19 од почетокот на епидемијата;

–1 април: 50-та жртви од Ковид-19 од почетокот на епидемијата;

–2 април: Светиот Синод на ГПЦ одлучи, црквите за Велигден да држат литургии зад затворени врати;

–4 април: Забраната за движење продолжена до 27 април

–7 април: Владата го одобри предлогот црвите да држат литургии зад
затворени врати;

–10 април: Регистрирани над 2.000 случаи со Ковид-19 од почетокот на
епидемијата/ образовните институции остануваат затворени до 10 мај;

–13 април: Петта видео порака на грчкиот премиер Мицотакис–побара од граѓаните да ги почитуваат мерките за Велигден и да останат дома;

–14 април: Сто жртви од Ковид-19 од почетокот на епидемијата;

–16 април: Продолжена до 15 мај одлуката за прекин на авионскиот,
железничкиот и патниот сообраќај со Северна Македонија и Албанија;

–23 април: Забраната за движење продолжена до 4 мај;

–25 април: од почетокот на епидемијата регистрирани 2.560 позитивни случаи и 130 починати лица од Ковид-19

 

ИЗВОР: МИА
Сања Ристовска