Фудбалерите на Тотенхем го победија на свој терен во лондонското дерби Челзи со 2:0, во натпревар од 20 коло од Премиер лигата, и го прекинаа неговиот низ од 13 победи во првенството.
На стадионот Вајт Харт Лејн головите ги постигна Деле Али во првата минута од надополнувањето на времето во првото полувреме и во 54 минута.
При постигнувањето на головите му асистираше Кристијан Ериксен.
Деле Али така во трите последни првенствени натпревари постигна по два гола (Челзи, Саутемптон и Вотфорд).
Челзи се обиде да постави рекорд во Премиер лига од 14 последователни победи.
Првата прилика ја имаше Челзи кога Еден Азар, после доброто додавање од Немања матиќ, шутираше покрај десната статива.
Пет минути подоцна се заканија домашните, но голманот Тибо Куртоа беше побрз од Хари Кејн и ја фати топката пред него.
Во 23 минута добра шанса ја пропушти Ериксен кој од работ на шеснаесетникот силно шутираше покрај стативата.
Екипите играа борбено и агресивно со остри прекршоци, а после еден таков на Гари Кејн над Ериксон, досуден е слободен удар за домашните.
Дени Роуз ја испрати топката на втората статива пред голот на Челзи, Ерик Дајен ја зафати со глава, а Куртоа успеа да одбрани.
Тотендем поведе во првата минута од надополнувањето на времето од првото полувреме со голот на Али, кој топката ја зафати со глава после центаршутот на Ериксен од десната страна.
Челзи нападна од почетокот на второто полувреме, прво во 47 минута од шеснаесет метри се обиде Диего коста, но голманот Иго Љорис одбрани.
Една минута подоцна се направи гужва пред голот на Тотенхем, а Азар со глава ја испрати топката покрај стативата.
Тотенхем го зголеми водството во 54 минута.
Повторно Ериксен од десната страна нафрли топка пред голот на Челзи, а Али добро скокна и со глава ја упати во мрежата.
Тоа беше негов седми гол во последните четири првенствени натпревари.
Челзи после тоа повеќе ја имаше топката и напаѓаше, се обидуваа Коста, Педро и Давид Луиз, но играчите на Тотенхем без проблем ја исфрлуваа топката и ја остварија 12 победа во лигата.
Ова беше трет пораз за Челзи во првенството.
Лондонските „сини“ и понатака се први на табелата со 49 бодови, пет повеќе од второпласираниот Ливерпул.
Тотенхем ја оствари третата последователна победа и се искачи на третото место на табелата со 42 бода, колку што има и четвртопласираниот Манчестер сити.







