Денес Русите го исклучуваат гасот преку „Северен тек 1“

LinkSense.mk

Рускиот гасен гигант Газпром денеска започнува со рутинско 10-дневно одржување на гасоводот „Северен тек 1“, а Германија и другите европски земји загрижено ги следат настаните и се во исчекување дали гасот повторно ќе протече. Годишните работи на двата гасоводи беа најавени многу порано, меѓутоа постои страв дека, додека поради инвазијата на Украина односите меѓу Русија и Западот се на историски најниско ниво, Газпром би можел да ја искористи можноста едноставно да ги затвори вентилите.

Путин ќе ја затвори славината за гас… но дали повторно ќе ја отвори?“, пишува на интернет страницата на германскиот дневен весник Билд.

Се соочуваме со ситуација без преседан – сè е можно“, изјави германскиот заменик-канцелар Роберт Хабек за јавното радио во текот на викендот.

Можно е гасот повторно да протече, дури и на повисоко ниво на волумен од претходно“, рече тој. Меѓутоа, предупреди на можноста ништо да не стигне и дека сепак треба да бидеме подготвени за најлошото, додека Европа се бори повеќе да не зависи од руските енергенси.

Барем едно прашање беше решено во текот на викендот, кога Канада се согласи на Германија да и ги врати турбините потребни за одржување на гасоводот Северен тек 1, и покрај приговорите од Украина.

Германскиот канцелар Олаф Шолц, преку својот портпарол, вчера ја поздрави одлуката на, како што рече, канадските пријатели“ да му дадат временски ограничена и отповиклива дозвола за Сименс Канада да дозволи враќање на машината. Русија инсистираше на тоа дека треба да ја обнови машината пред да може да го зголеми протокот по неколку недели значителни намалувања.

Украина, меѓутоа, минатата недела го обвини Берлин дека попуштил пред руската „уцена“ откако Москва за намалување на снабдувањето ги обвини поправките, а не пазарните услови предизвикани од војната во Украина. Москва во последниве недели го намали снабдувањето за 60 отсто, наводно заради недостатокот на турбина, иако Берлин ја осуди, како што ја нарече, „политичката“ одлука.

Овие намалувања индиректно се одразија на снабдувањето на голем број земји од ЕУ, вклучително и Полска и Бугарија, кои доживеаја целосно затворање. Берлин објасни дека од технички причини ќе биде тешко Газпром целосно да ги запре испораките преку Северен тек.

Северен тек 1 е најдолгиот подморски гасовод во светот, кој минува под Балтичкото Море од Русија до Германија и е во функција веќе една деценија. Германија увезува околу 35 отсто од гасот од Русија, во споредба со 55 отсто пред почетокот на конфликтот во Украина. Интернет страницата на „Северен тек“ покажува дека гасот што пристигнува во германскиот град Лубмин сè уште се испраќа во Белгија, Данска и Франција, како и во Велика Британија и Холандија.

 

 

 

 

(Фото: АП)