Десетта ликовна колонија „Љубанци 2020“

Околу дваесетина ликовни творци од земјава и еден од странство, учествуваат на јубилејната десетта ликовната колонија „Љубанци 2020“, што  се одржува од денеска до 31 август годинава.

Организатор на ликовната колонија е Општина Бутел во соработка со Здружението на ликовни педагози – Скопје. Средствата се обезбедени од буџетот на Општина Бутел.

Како што информира Општина Бутел, годинава поради состојбата со коронавирусот има само еден учесник од странство и беше променет и традиционалниoт термин на одржување на колонијата, од јуни кон крајот на август.

Учесници на колонијата се Данчо Ордев, Новица Трајковски, Илија Богоевски, Владимир Лазоски, Ристо Андреев, Боро Арсовски, Ели Чочова, Мирослав Славковиќ, Харалампие Манчев, Сашо Поповски, Оливер Настески и други. Единствен странски учесник е Владан Ранѓеловиќ, уметник од Србија.

За една недела, колку што ќе работи колонијата, се очекува да бидат создадни околу 30 уметнички слики, главно со мотиви од старата љубанска архитектура и убавините на Скопска Црна Гора. И годинава, неколку уметници ќе работат скулптури во дрво и мермер.

В четврток ќе се одржи и традиционалниот детски ликовен ден, кога дваесетина најталентирани ученици од основните училишта во Општина Бутел, заедно ќе творат со познатите уметници и ликовни педагози.

За време на одржувањето на Ликовната колонија ќе бидат преземени сите мерки за заштита и ќе бидат испочитувани сите протоколи пропишани од Комисијата за заразни болести.