Дизелот пак поевтини, сега за три денари

LinkSense.mk

Бензините од ноќеска на полноќ поевтинуваат од 1,5 до три денари за литар, а цената на дизелот се намалува за три денари, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика.

Со одлуката се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,82 отсто.

Цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се намалува за три денари за литар и ќе изнесува 88,5 денари, а ЕУРОСУПЕР БС-98 поевтинува за 1,5 денари за литар и ќе чини 90,5 денари.

ЕУРОДИЗЕЛ, пак, од 93 денари „падна“ на 90 денари, а Екстра лесното масло за домаќинство од досегашните 88, ќе се продава за 85,5 денари за литар.

„Регулаторна“ ја намали и малопродажната цена на Мазутот за 1,438 денари за килограм, и тој од полноќ ќе чини 44,524 денари.

Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување кај бензините во просек за 1,907 отсто, кај дизелот за 2,173, кај екстра лесното за 2,145 и кај мазутот за 3,096 отсто. Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,73 отсто.