ДИК усвои правилник за референдумот во кој дијаспората ќе може да гласа

LinkSense.mk

Државната изборна комисија денеска на првата конститутивна седница во нов состав го усвои правилникот за подготовка, организирање и спроведување на претстојниот референдум закажан за 30 септември, кој заедно со Законот за референдум и Изборниот законик ќе претставува основа за работата на ДИК.

Избирачките одбори ќе имаат по три члена, наместо пет, ќе се исфрлат партиските членови во нив, и остануваат само од администрацијата. Ќе функционираат сите избирачки места како на досегашните избори освен оние во кои се имаат регистрирано под 10 избирачи.

Процесот на изјаснување на граѓаните ќе може да биде набљудуван од граѓански невладини организации. Право на изјаснување ќе имаат граѓани кои наполниле 18 години, кои се деловно способни, имаат живеалиште во Република Македонија и ги има во Избирачикот список.

Ќе функционираат сите избирачки места како на досегашните избори освен оние во кои се имаат регистрирано под 10 избирачи.

Според членот на ДИК Јанакие Витановски, со правилникот е предвидено на референдумот да имаат право на изјаснување и граѓаните кои ги има во Избирачкиот список, а не живеат во Република Македонија, односно и дијаспората ќе може да гласа на референдумот.

Правилникот предвидува и јавен увид во Избирачкиот список што ќе трае 15 дена. Со Законот за референдум дијаспората досега не беше опфатена.

Потпретседателката на ДИК Дитмира Шеху изрази несогласување со начинот на организирање на изборите односно изјаснувањето на дијаспората имајќи предвид колку средства се трошат од државата за оваа намена.

Таа ги повика граѓаните кои сакат да се изјаснат на референдумот да дојдат во Македонија и да гласаат.

Елизабета Апостоловска, член на Комисијата, рече дека ДИК испратила писмо до МНР за да се утврди екипираноста во диппломатско-конзуларните претставништава и да се види дали може да се намалат трошоците за изјаснување на дијаспората за референдумот.

Првичните резултати од референдумот треба да бидат објавени 24 часа по завршувањето на гласањето, а тој ќе се смета за успешен доколку на него излезат повеќе од половината од запишаните во избирачкиот список.