Димитров во посета на Талин

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров денеска ќе престојува во работна посета на Естонија.

Предвидени се средби со министерката за надворешни работи Ева-Марија Лииметс, со Марко Микелсон и Сиим Каалас, претседателите на Комитетот за надворешни работи и на Комитетот за европски прашања, и со претставници на естонскиот парламент и од кабинетот на премиерката Каја Калас, задолжени за европски прашања.

Димитров ќе се сретне и со директорот на Естонскиот центар за источно партнерство, Герт Антсу.

Во светло на поддршката за пробив на нашиот европски пат, Димитров ќе ја пренесе пораката за потребата од усвојување на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција на земјата со Европската унија што побрзо.

На средбите ќе се дискутира и за зајакнување на билатералната соработка меѓу Македонија и Естонија, со особен фокус на процесот на дигитализација.

Преку конкретна експертска поддршка, како една од најуспешните европски земји во однос на дигитализацијата, Димитров ќе разговара за пренесување на естонските искуства со е-влада, како и дигитализација на процесите и услугите за граѓаните и бизнис заедницата.

По неодамнешните посети на Вилнус и Рига, со Талин, Димитров ја заокружува балтичката турнеја, надоврзувајќи се на серијата посети на главни градови на земји членки на Европската Унија, значајни за евроинтегративниот процес на Македонија.