Димитров: Со Софија не мора за се да се договориме

Едната страна на компромисот со Бугарија е да не се договориме за се, втората е таму каде што очигледно имаме заеднички интерес да направиме сè што можеме да имаме конкретен патоказ, со рокови, да го спроведеме Договорот за пријателство, вели вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров.

-Сегашниот компромис, се извинувам не можам во детали оти е во деликатна фаза процесот, треба да се даде шанса да се вложиме во дипломатските преговори, разговори и контакти, меѓутоа, на крупно, компромисот има две страни – една страна, кога на некој начин се договараме да не се договориме за сè. Бугарската страна си има свои позиции, македонската страна си има свои позиции. Вториот дел од компромисот е таму каде што очигледно имаме заеднички интерес да направиме сè што можеме да имаме конкретен патоказ, со рокови, со надлежни институции, да го спроведеме Договорот за пријателство, вели Димитров во интервју за Радио слободна Европа, на прашањето дали очекувањата од бугарска страна содржани во декларацијата од 2019 ќе бидат вклучени во патоказот што треба да го достави Скопје.

Според него, неспорен е интересот во делот на изградбата на коридори, културната соработка меѓу двете земји.

-Тоа е сосема неспорно. Ние имаме автентичен интерес да ја развиваме таа соработка и без Договорот за пријателство. Договорот ја поттикнува, мислам дека и соседна Бугарија има таков интерес. Треба да најдеме таков начин, можеби да има попродуктивна атмосфера во Комисијата за историски прашања, меѓутоа таа попродуктивна атмосфера истовремено се овозможува, ако Бугарија ни стане поддржувач како што ни беше кога имаше претседателство, вели вицепремиерот Димитров.