Дипломатски „десант“ на Киев и Москва

LinkSense.mk

Во претстојните недели во Киев ќе има вистински десант на западни политичари кои сакаат да се уверат каква е реалната состојба на линијата на разграничување во Донбас.

Новата министерка за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок, по втор пат оваа година доаѓа во Украина. Таа таму ќе престојува на 7 и 8 февруари.

Германија е членка на т.н Нормандиска група чија задача е реализација на договорите од Минск со кои требаше да се нормализира ситуацијата на истокот на Украина. За разлика од водечките земји од НАТО, Германија веќе му порача на раководството во Киев да не сметаат на добивање оружје од нив. Наместо оружје, Германците им испратија на Украинците шлемови и полски болници.

Во истите денови кога ќе биде министерката Бербок, во Киев ќе стигнат министрите за надворешни работи на Словачка, Австрија и Чешка. И тие ќе ја посетат демаркационата линија во Донбас. Чешкиот министерот Јан Липавски, потоа австрискиот Александар Шаленберг и словачкиот Иван Корцог доаѓаат на покана на украинскиот колега Дмитриј Кулеба.

Во саботата, некои украински сајтови објавија информација дека во Киев се обврзале да ги разгледаат предлозите на Доњецката и Луганската народна република за нормализација на состојбата во Донбас. Проблемот е што до сега во Киев постојано повторуваа дека не сакаат да преговараат со претставниците на Доњецк и Луганск, кои ги нарекуваат бандити. И сега претседателот Зеленски вели дека за нормализирање на односите на украинската граница сака да преговара со Русија. Ако во Киев не се согласат да разговараат со претставниците на Донбас, проблемот со источна Украина не може да се реши по дипломатски пат, бидејќи претседателот Путин многупати рекол дека Русија не е во војна и дека Донбас е внатрешен проблем на Украина.

После повеќе телефонски разговори, денеска во Москва ќе разговараат претседателите на Русија и Франција, Владимир Путин и Емануел Макрон. Главна тема на разговор ќе биде ситуацијата околу Украина, но ќе се зборува и за предлогот на Русија за писмени гаранции за безбедноста на Европа и за непроширување на НАТО на исток.

Само еден ден по средбата со Путин, Макрон во Берлин ќе се сретне со новиот германски канцелар Олаф Шолц и со полскиот претседател Анджеј Дуда. Германскиот канцелар Шолц ќе се сретне со Путин во Москва на 15 февруари.

Од друга страна, високи американски претставници за Ројтерс изјавија дека Русија веќе подготвила 70 отсто од потребната борбена моќ за влез на нејзините единици во Украина.

Во последните две недели бројот на руски баталјони се зголеми од 60 на 83, а на пат се уште 14.

Прогнозата на Американците е дека земјата во Украина ќе замрзне до 15 февруари, што ќе им овозможи на руските механизирани единици лесно да се движат по неасфалтираните патишта.

Така, според американската прогноза, Украина би паднала за неколку дена. Во таа кратка војна Американците прогнозираат дека би загинале од 5.000 до 25.000 Украинци. Загубите на руската армија би можеле да бидат од три до десет илјади војници, додека би загинале и меѓу 25.000 и 50.000 цивили. Вкупно во таа војна би можеле да загинат вкупно 85.000 луѓе. Во американските воени кругови постојано се повторува дека во случај на војна, руската армија може да го освои Киев во рок од 72 часа.

Украина не може да војува со Белорусија бидејќи таа војна би траела три или четири дена. Во Украина нема кој да се бори, изјави претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко.

Западот не би се вклучил во таа војна бидејќи знаат дека е безперспективна.

 

 

 

 

 

(Извор: Новости)