„Вокалистката и музичарка Лиза Џерард, наградена со Златен глобус за музиката во филмот „Гладијатор“ и нејзиниот последен проект на кој соработува со женскиот хор од Бугарија „The Mystery Of The Bulgarian Voices“, на 8 октомври годинава ќе одржат концерт во Скопје.
Концертот е во организација на Младинскиот културен центар, а ќе се одржи во Македонската филхармонија.
Женскиот хор „The Mystery Of The Bulgarian Voices“ опстојува од средината на минатиот век и го негува автентичниот бугарски мелос. По четиридецениско постоење доаѓа нивната соработка со Џерард и излегува албумот „BooCheeMish”.
По потекло од ирски емигранти, Лиза Џерард е родена и живее во Австралија, каде што и ја започнува својата кариера пред 40 години. Доста експерименталната постпанк-музичка сцена на крајот на 70-тите во Мелбурн ја спојува со Брендан Пери, со кој во 1981 г. го создаваат уникатниот проект „Dead Can Dance“, што опстојува и денес со неколку креативни прекини.
Во професионалната биографија на Лиза Џерард се впишани неколку соло проекти, како и музика за филм, на кои таа се потпишува и како авторка и изведувачка. За музиката за епскиот спектакл „Гладијатор“, таа и композиторот Ханс Зимер беа наградени со Златен глобус.
Билетите се веќе во продажба преку продажната мрежа на МКЦ.







