Автобусите на приватниот превозник „Слобода превоз“, на линиите 9, 12, 22, 23 и 45, денеска нема да сообраќаат поради немање средства за нафта затоа што ЈСП „Скопје“, односно Град Скопје, не го исплатил долгот кон компанијата.
„Со крајни напори ќе се обезбеди редовен превоз на линиите: 11, 11а, 47, 55, 61, 63 и 73, кои како приградски линии делумно се финансираат и од општините кои не се во состав на Град Скопје, за да не се случи поради неизвршување на тој превоз да имаат причина да престанат да ги уплаќаат средствата во ЈСП“, соопштија од „Слобода превоз“.
Од таму најавија дека претставници на превозниците од сите линии во 9 часот ќе бидат пред Градското собрание каде што ќе побараат итен прием кај секретарот на Скопје, кому ќе ги пренесат проблемите со кои се соочуваат, а кои се поврзани со големиот долг на ЈСП кон нив.
Ќе побараат, велат, и одговори на повеќе прашања, меѓу кои и за тоа зошто и каде завршуваат прибраните средства во ЈСП од продадени билети за превоз на ученици од кои приватните превозници треба да бидат исплатени.
Истакнуваат оти во зависност од одговорите што ќе ги добијат и предлозите за решавање на проблемот, ќе зависи понатамошното вршење на превозот и делување на превозниците.
Пред еден месец автобусите на ЈСП „Скопје“ не возеа еден ден кога вработените стапија во колективен штрајк зашто немаа земено плата. Потоа, поради долг кој не можеше да го наплати од ЈСП односно од Град Скопје, престанаа да сообраќаат автобусите на приватниот превозник „Макекспрес“.