ДОМ, ЛДП, НСДП и ДПА остануваат во досегашното парламентарното мнозинство

LinkSense.mk

ДОМ, ЛДП, НСДП и ДПА остануваат во владејачката коалиција, соопштија лидерите на овие партии пред средбата со премиерот Зоран Заев, кој синоќа по соопштувањето на изборните резултати си поднесе оставка.

Претседателот на НСДП, Тито Петковски, пред средбата на „Илинденска“ излезе со став дека нема потреба од избори и оти Владата не е делегитимирана на овие избори.

Со сличен став излезе и лидерот на ДПА, Мендух Тачи, според кого нема да се случи ништо драматично бидејќи владејачката коалиција и на овие избори покажала дека има легитимитет.

„Не гледам никаква причина да се случи нешто драматично. Сакаат да ја изместат темата, тоа беа локални избори. Ако сакаат да зборуваат за легитимитет на Владата, оваа Влада и на овие избори има легитимитет. Апсолутно има многу повеќе гласови од опозицијата. Мислам дека ништо драматично нема да се случи“,

рече Тачи кој нагласи дека разликата во гласови е 100 000 во корист на владејачките партии наспроти опозициските.

Претседателите на ДОМ и ЛДП, Маја Морачанин и Горан Милески, кои на овие избори решија да настапат самостојно како движење „Одлучно за промени“, исто така, порачаа дека остануваат во власта.

„Ние и пред да започне кампањата, кога го формиравме движењето ’Одлучно за промени’ кажавме дека сме дел од владејачкото мнозинство и дека мнозинството и владата се стабилни и не поддржуваме предвремени избори“,

рече Морачанин нагласувајќи дека периодот земјава се соочува со енергетска криза и со пандемијата која сè уште трае.

Пред влегувањето на средбата со Заев, таа рече дека тие нема да инсистираат тој да остане на чело на владата бидејќи тоа е негов личен став. Нејзините очекувања се на средбата да разговараат за тои кои се визиите за во иднина и за новиот премиер и влада, како и за тоа кои ќе бидат програмските определби на идната влада.

Таа негираше дека тие некогаш преговарале за ново парламентарно мнозинство и како што рече, она што сакаат да се постигне е да се забрза процесот на реформи, да се интензивира борбата против корупцијата, да се отворат преговорите со ЕУ итн.

Овие партии имаат вкупно шест пратеници во парламентарното мнозинство кое брои 62, и тоа: двајца има НСДП (Горан Мисовски и Соња Мираковска), двајца ЛДП (Боби Мојсоски и Моника Зајкова), еден ДОМ (Маја Морачанин) и еден ДПА (Мендух Тачи).

Средбата на Заев со коалициските партнери која е во тек се одржува во владината зграда. Откако синоќа ја поднесе оставката од премиерската функција, тој рече дека останува на ставот оти не се потребни парламентарни избори.

„И во вакви околности, останувам на ставот дека не треба да има вонредни парламентарни избори. Претстојат одлични и неповторливи две и пол години за работа и економски успеси од кои корист ќе има целиот наш народ и државата. Ќе останам периодов додека треба за да помогнам да се реорганизира нова влада, со прогресивно мнозинство кое го има и постои, а може да биде уште зголемено. Јас лично, како човек, сум дел од СДСМ и прогресивниот народ и останувам во првите борбени редови како член на СДСМ и дел од нашиот прогресивен народ – изјави Заев.

Неговата оставка сè уште не е стигната во Собранието, а додека од коалициските партнери велат дека мнозинството е стабилно, од пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска изјавија дека ќе се обидат тие да формираат ново мнозинство и доколку не успеат сметаат дека најдобро е да се одржат предвремени парламентарни избори.