Драги Рашковски поднесе оставка

Поранешниот Генерален секретар на Владата, а од неодамна Секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на програмата на Владата, Драги Рашковски, утринава на неговиот профил на Фејсбук напиша дека се повлекува од функција.

Тој во објавата го сподели писмото што го упатил до премиерот каде ги објаснува причините за, како што наведува, неотповикливото повлекување од функцијата. Споделеното писмо е со датум од 12-ти месецов.

„Вистината нека се провери преку институциите. Нема затскривање позади функции. За лажните вести најдобро искуство да го преточиш во научен труд е преку лично искуство. Се надевам лажните вести ќе престанат, зошто нивното негативно влијание не штети само лично. Вистинската причина за повлекувањето е наведена во самото писмо. Се поразлично од тоа е лажна вест“, напиша Рашковски на ФБ.

Државната комисија за спречување на корупцијата на 10-ти минатиот месец отвори предмет за набавката на софтвер за контрола восообраќајот којшто го распишал Драги Рашковски како владин генерален секретар, а се проверува и имотната состојба што ја пријавил во анкетениот лист.

Основното јавно обвинителство за организиран криминал на 18 минатиот месец отвори предмет по допрен глас во врска со набавката на софтверот, а на 9-ти месецов беше извршен претрес во просториите на фирмата „Инвока груп“ од која е купен софтверот.