Силниот дожд кој од утрово паѓа во Пула веќе ги остава првите последици. Брегот е веќе поплавен, а не е поволна ниту плимата, што предизвикува излевање морето, пишува „Глас Истре“.
Сообраќајот се одвива доста отежнато и се препорачува максимална внимателност. Видливоста е намалена, автомобилите лесно се лизгаат и тешко застануваат.
„ИстраИн“ пишува дека високото ниво на морето го поплави центарот на Ровињ и дека проблеми има и во Пореч.
Во Ровињ морето ги поплави градскиот плоштад и брегот, поради што сообраќајот на брегот на Ровињ е забранет за сите возила.
Вода навлегла и во некои кафулиња и ресторани, но како што дознаваат од командирот на полицијата, Евилијан Гашпиќ, тие се уште не добиле повици за помош за евентуално испумпување и евакуација на населението.
Утринава, исто така, поплавен е и Црес.
Ваквото време, според прогнозата, треба да се задржи во поголем дел од денот. Пикот на врнежите се очекува во утринските часови, но подоцна би требало да бидат помали. За среќа, веќе во среда нема да има врнежи од дожд или ќе има многу малку.
А, бурното југо на Јадранот, најавено како најсилно годинава, веќе прави големи проблеми на море, а во комбинација со дожд и на копно.
Како што дознава „Слободна Далмација“ од „Јадролинија“, во моментов во прекин се дури 14 траектни и катамарански линии, па некои острови како Вис, Ластово и некои помали во областа на Задар и Шибеник се отсечени од копното.
Помалите бродови кои утрово требало да испловат, останале цврсто закотвени во пристаништата.
Укинати се линиите Вис-Сплит, Јелса-Бол-Сплит и Убли-Вела Лука-Хвар-Сплит, како и онаа од Сплит за Вела Лука и Убли (во двата правци). Во прекин е и линијата од Водице за Шибеник
Силниот ветер предизвикува проблеми на патиштата, особено на делниците на кои во овој дел од годината вообичаено се очекува сообраќајот да биде отежнат поради обилни снежни наноси или во „најдобар случај“ – бура.
Од Хрватскиот авто-клуб известуваат дека поради ветрот на делот од патот Сплит-Загреб, меѓу Грачац и Удбина, и на потегот од Личко Петрово Село до истоимениот граничен премин со БиХ, кон Бихаќ, забрането е движење на двокатни автобуси, возила со камп приколки и мотоцикли.
(Фото: КРОПИКС)