Три лица се водат за исчезнати по експлозија што предизвика голем пожар во станбена населба во Ротердам вчера доцна вечерта.
Едно лице е повредено и пренесено во болница, а пожарникарите се уште се обидуваат да го изгаснат големиот пожар предизвикан од експлозија во гаражата на зградата.
Можно е во зградата да има повеќе жртви. Спасувачките служби се уште не успеале прецизно да го пребараат просторор бидејќи пожарот се уште беснее. Не се знае дали во моментот на експлозијата имало некој во гаражата или во становите над неа.
Една жителка на зградата од преку патот рече дека на почетокот мислела дека се работи огномет.
„Беше заглушувачко. Бев шокирана, но потоа сфатив дека тоа не може да биде огномет. Ги слушнав сите како врескаат. Излеговме и видовме дека ситуацијата е многу лоша, раскажа таа, пренесува „НЛ Тајмс“.
Од силината на експлозијата се скршени многу прозорци, а мештаните се обидуваат да ги исчистат улиците од стакло и ѓубре за да можат луѓето да поминуваат.
Станарите на 44-те станови преноќија во локалните хотели. Властите побараа од луѓето што живеат во зградата на веб-страницата на Црвениот крст да наведат дека се на сигурно и дека се безбедни.
Зградите во Зуидвајк се многу блиску една до друга, а меѓу нив има многу продавници и фирми, што им ја отежнува работата на пожарникарите.
Постои опасност од проширување на пожарот и на други делови од зградата, заради што пожарникарите срушија дел од објектот за да го спасат големиот маркет кој се наоѓа таму.
Службите за итни случаи моментно се обидуваат да ја исклучат цевката за гас во улицата, за да не дојде до евентуална дополнителна експлозија што би предизвикала дополнителна огромна штета. Досега, за жал, не успеаја. Имено, за да пристапат до цевките потребно е да се отвори улицата, но тоа не беше можно да се направи поради големата количина на потрошена вода во текот на ноќта.
На истата улица има и магацин за пиротехника со околу 5.000 килограми огномет, но тој не е зафатен од пожарот.
Засега не е познато што ја предизвикало експлозијата. Откако пожарот ќе се изгасне, полицијата ќе направи увид, по што ќе бидат познати повеќе информации.