Дури 130 луѓе еден месец поминале во подрум од 65 м2: „Спиевме на нозе, меѓу трупови“

LinkSense.mk

На бел, влажен ѕид во подрумот на локалното училиште во селото Јахидне има календар, грубо нацртан со црвен фломастер. Го означува периодот од 5 март до 2 април, што за жителите на ова село беше време на незамисливи трауми“, пишува Јогита Лимај во големата репортажа за Би-Би-Си за подрачјата зафатени со војна во Украина.

Селото Јахидне, 140 километри северозападно од Киев и недалеку од градот Чернихив, кој е блиску до границата со Белорусија и Русија, еден месец било окупирано од руски војници.

Кога пристигнале, под закана со оружје ги одвеле мажите, жените и децата од нивните домови и ги држеле во подрумот на локалното училиште четири недели – околу 130 луѓе се стиснале во просторија со големина од приближно 65 квадратни метри.

Шеесетгодишниот Микола Климчук бил еден од нив, а на новинарите на Би-Би-Си им понудил да им го покаже подрумот.

Додека се симнувавме по кратките скали, почнавме да чувствуваме смрдеа на болест и распаѓање. Просторијата беше валкана – на подот беа расфрлани душеци, облека, обувки и книги, во средината имаше четири детски креветчиња, а во еден агол цел куп садови. Микола не одведе директно во задниот дел од собата“, пишува новинарката на Би-Би-Си.

Ова беше мојот половина квадратен метар простор. Спиев на нозе“, изјави Микола. Гласот му затрепери и почна да плаче. „Со мојот шал се врзав за оградата за да не паднам. Поминав вака 25 ноќи.

Микола раскажал дека воопшто не можеле да се помрднат од страв да не ги згазат луѓето. Меѓу заробените имало околу 40 или 50 деца, дури и бебиња. Најмалото имало само два месеци.

Руските сили брзо стигнале до Јахидне додека се движеле кон Чернихив. Градот со околу 300.000 жители со недели бил отсечен бидејќи руските сили го опколиле и гранатирале, но наишле на силен отпор. Разнесен бил мост на патот кон главниот град Киев, што ги спречило жителите да избегаат. Откако не успеале да го заземат Киев, Русите се повлекле.

Со оглед на тоа што се толку блиску до границата, луѓето стравуваат дека Русите наскоро би можеле да се вратат. Петнаесетгодишната Анастасија била во подрумот на училиштето со татко и и баба и.

Имаше многу малку простор. Живеевме седејќи. Спиевме седечки. Иако, речиси воопшто и да не спиевме. Беше невозможно. Паѓаа многу гранати. Беше неподносливо, рече таа.

Просторијата немала вентилација, а единствените два прозорци биле затворени со даски.

Животот со мртвите

Додека бевме овде починаа 12 лица“, раскажа Микола.

Повеќето од нив биле постари лица. Не се знае точно од што починале, но Микола верува дека некои од нив се задушиле.

Кога луѓето умреле, телата не можеле веднаш да се отстранат. Руските војници тоа не го дозволувале. А, поради постојаните борби, минофрлачки гранатирања, експлозии и пукотници, тоа било многу опасно.

Сето ова значи дека луѓето, вклучително и децата, со часови, а понекогаш и со денови живееле со трупови се додека не можеле да ги изнесат надвор.

Беше престрашно. Ги познавав луѓето кои умреа“, вели Анастасија. Кон нас беа многу љубезни. Бев многу тажна, едноставно овде умреа без причина.

Во нормални околности, тие не би умреле. Путин е воен злосторник“, вели Микола. Нозете почнаа да ми отекуваат. Но, постојано мислев дека морам да преживеам поради ќерка ми и двете внуки.

Најчесто луѓето не смееле да излезат дури ниту да отидат во тоалет, туку за таа потреба користеле канти.

Понекогаш војниците извлекуваа луѓе за да ги користат како жив штит“, вели Микола.

Им било дозволено да готват надвор на отворен оган два пати на ден. Селото имало доволно резерви на храна и бунари за вода.

Еден од руските војници му рекол на Микола дека им било кажано дека ќе бидат во Украина само четири дена, што би било доволно да го заземат Киев.

Потрага по саканите во гробовите

Русите се повлекоа од Јахидна на 3 април. Во селото сега се украинските војници, а повеќето од затворениците се евакуирани во околните области.

Секоја ноќ се будам по повеќе пати. Ми се чини дека слушам звук на пукање. Исплашена трчам кон родители“, вели Анастасија.

Русите ги окупирале селата како Јахидна околу Чернихив за да се обидат да го опкружат градот и на крајот да ја преземат контролата над него. Не успеале да влезат во градот, но во многу делови од него дошло до големо пустошење.

Официјални лица велат дека биле убиени околу 350 цивили.

По повлекувањето на руските сили од околината на Чернихив, доброволци ги погребувале мртвите. Еден дел од локалните гробишта сега е целосно покриен со свежи гробови, а на секој е залепена налепница за да се идентификува починатиот.

Членовите на разделените семејства доаѓаат да видат дали можат да го најдат гробот на своите најмили.

Цел на напад бил и локалниот фудбалски стадион. На средината на теренот има огромен кратер од бомба. Уништен е дел од трибините и искршени се седишта и металната ограда.

Тешко е оштетена и детската библиотека која се наоѓа во една стара, историски вредна зграда.

Неколку станбени квартови се речиси целосно срамнети со земја. Новоселивка, населба на северот на Чернихив, исто е целосно уништена.

Купишта камења и тули лежат таму каде што некогаш стоеле куќите. На една од патеките меѓу зградите лежат детска розова зимска јакна, плишано мече, кадифен слон и парчиња од „Лего коцки. Недалеку има неколку кратери од бомби.

Зошто никој не не предупреди?

Жена и дете на велосипеди ги однеле новинарите на Би-Би-Си во нивната руинирана куќа. Шеесет и двегодишната Нина Виник и нејзиниот внук, 10-годишниот Данило го покажаа својот дом. Сега се тоа само голи ѕидови, сè во него и околу него е уништено.

Ќерката на Нина и мајката на Данило, 39-годишната Људмила, ја изгубила ногата и сега е во болница. Кога почнале да го гранатираат домот на Нина, отрчале до соседната куќа, со надеж дека ќе можат да се засолнат во нивниот подрум. Но и тој бил бомбардиран.

Од експлозијата паднавме сите на земја. Некој доби потрес на мозокот, некој беше повреден. Кога си дојдовме на себе, ја видов ќерка ми и ја слушнав како вика: ‘Мамо, мамо, јас немам нога’. Беше страшно“, рече таа.

Људмила отползела на безбедно и подоцна била пренесена во болница.

Сето ова ми изгледа како страшен кошмар. Тоа не може да биде вистина. Зошто нашата влада не не предупреди? Зошто не не евакуираа?“, прашува Нина.

Во домот живееле четири генерации од нејзиното семејство.

Во еден момент повеќе не остана ништо. Не знам каде ќе живеам кога ќе дојде зима“, вели.

Не може да си дозволи да плати протеза за ќерка си.

Во врска со изјавите на Русија дека тие не гаѓале цивили, таа вели дека „Путин е лажго“.

Во болница има жена без нога. Тоа е вистината. Путин нека плати за нејзината операција. Путин нека ја изгради оваа куќа. Ја сакаше, нели? Сега нека плати за се.

 

 

 

 

 

 

(Фото: Твитер)