Европарламентот назначи нов генерален секретар

LinkSense.mk

Европскиот Парламент вчера го именуваше Италијанецот Алесандро Чиокети за нов генерален секретар.

Чиокети на 1 јануари ќе го наследи Германецот Клаус Веле, кој на таа највисока парламентарна должност е од 2009 година.

Порталот Политико објави, повикувајќи се на анонимни извори, дека назначувањето на Чиокети било дел од задкулисен договор.

Одлуката за тоа кој ќе ја добие челната функција ја носат 14-те потпретседатели на Европскиот парламент и петмината членови на советодавната канцеларија познати како „квестори“.

„После сослушувањето на четворицата кандидати, се одржа ‘внимателно советување’ и одлуката за именување на Чиокети беше донесена ‘со многу големо мнозинство’“, се вели во соопштението на Европарламентот. Сепак, не се соопштува кој гласал за него.

Ова назначување предизвика остри критики од Зелените и Социјалдемократите во ЕУ. Потпретседателката на Европскиот парламент, Хајди Хаутала, од Зелените, изјави дека процесот на селекција бил несоодветен, а секој кандидат се претставувал само по десет минути.

Чиокети моментно е шеф на кабинетот на претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола.

Ваквите договори не се невообичаени при распределбата на места во институциите на ЕУ, но парламентот не привлече толку големо внимание како сега.