Европол: Во меѓународна акција уапсени 46 лица вклучени во трговија со луѓе

Во полициска акција против шверцери на бегалци, во која беа вклучени полициите на Шпанија и Албанија и надлежните безбедносни служби на Австрија, Франција, Италија, Словенија, Португалија, Велика Британија, САД, Косово и Европол, уапсени се вкупно 46 лица кои се дел од криминална мрежа што им овозможувала на бегалците илегално да влегуваат во Британија и САД.

„Истрагата, предводена од шпанската полиција со меѓународна полициска поддршка и соработка, резултираше со разбивање на организираната криминална група вклучена во трговија со луѓе и изработка на лажни лични документи и патни исправи“, соопшти Европол.

Како што е наведено, билансот на полициската акција е: 46 уапсени, два претреса во куќи, заплена на фалсификувани лични документи, финансиски документи, електронска опрема, пари и разни наркотици.

Истрагата е започната во 2019 година поради голем број фалсификувани лични документи на бегалци од Западен Балкан.

Акцијата беше координирана од Европол, обезбедувајќи размена на доверливи информации и аналитичка и форензичка поддршка.