Единаесет мртви во напад во Авганистан

Најмалку 11 лица загинаа, а десетици се повредени во бомбашки напад врз автобус во провинцијата Забул, на југот на Авганистан, соопштија денеска локалните власти.

Експлозијата се случи доцна синоќа, а притоа 25 лица се повредени, вклучувајќи жени и деца, изјави портпаролот на гувернерот на провинцијата Забул, Ѓул Ислам Сиал.

Тој додаде дека меѓу ранетите има голем број луѓе кои се во критична здравствена состојба.

Насилството во Авганистан се зголемува во последните неколку недели откако САД најавија повлекување на трупите до 11 септември.

Талибанците доцна синоќа најавија тридневен прекин на огнот за време на верскиот празник Рамазан Бајрам подоцна оваа недела.