Делови од Европа се на удар од екстремни временски прилики на почетокот на 2024 година.Додека некои земји се борат со разорни поплави, други се зафатени од арктичкиот студ. Ладното време предизвика жртви и огромни проблеми во сообраќајот и снабдувањето со електрична енергија во погодените европски региони.
Арктичката ледена експлозија донесе рекордно ниски температури во северна Шведска и во Финска со обилни врнежи од снег, предизвикувајќи хаос во сообраќајот и со струјата во некои региони.
„Во местото Квикјок-Арењарка во северна Шведска во средата е измерена температура од -43,6 степени Целзиусови, најниска во тоа подрачје откако почнала евиденцијата во 1887 година па до сега“, изјави Сверкер Хелстром, метеоролог од Шведскиот метеоролошки и хидролошки институт.
Во Шведска, речиси во целата земја, температурите се под нулата.
На крајниот северозапад на Финска, температурите во Енотекио паднаа на -42,4 степени Целзиусови, што е најниската измерена температура во таа земја во последните 18 години.
Во некои делови од скандинавските земји, училиштата се затворени.
Мајка и малолетно дете кои беа затрупани од лавина во финскиот дел на Лапонија пронајдени се мртви. Полицијата информираше дека детето било пронајдено вчераутро. Се наоѓало недалеку од местото каде во вторникот била пронајдена мајката. Лавина ги затрупала додека биле на скијање.
„Снежните наноси предизвикаа огромни проблеми на патиштата, оставајќи ги луѓето заробени во своите автомобили“, изјави Хелстром за Си-Ен-Ен.
Илјадници луѓе останаа заробени во своите возила во вчера утрото поради снежната бура во Данска и Шведска, објавија новинските агенции на двете земји.

На југот на Шведска, повеќе од 1.000 автомобили останаа заглавени во снегот на автопатот Е22 во областа Скане, меѓу Хорби и Кристијанштад, објави новинската агенција ТТ.
Според шведската транспортна управа се очекува автопатот да биде отворен денес околу пладне. Луѓето биле заробени во автомобилите повеќе од 24 часа. Вчера наутро сите до еден биле евакуирани, известија шведските власти.
Спасувачите цела ноќ работеле за да ги ослободат луѓето заглавени на главниот пат Е22. Најпрво биле извлечени оние кои патувале со автомобили, а возачите на камиони останале во возилата од следниот ден, до касните утрински часови.
Властите подоцна соопштија дека сè уште работат на ослободување на околу 180 камиони.
До прекин на сообраќајот дојде во средата кога снегот го направи Е22 непрооден во двата правци меѓу Хорби и Кристијанштад.
Армијата, постојано, на заробените патници им доставуваше храна и вода.
Во регионот Скане вчераутро не сообраќаа ниту автобусите ниту возовите. Сите линии беа откажани. Властите ги повикаа луѓето да избегнуваат патувања кои не се неопходни.
Снежните бури во Данска ги оставија возачите заглавени на автопатот во близина на Архус од средата. Колоната автомобили на автопатот Е45 околу Архус и Рандерс повремено се протегаше и до 30 километри, објави новинската агенција Рицау. Многу возила стоеја во место и повеќе од 20 часа. Сообраќајниот гужва беше предизвикана од судир на два камиона.До вчера колоната се намали на само неколку километри.
Данската полиција поради лошите временски услови ги повика возачите во тоа подрачје да ги остават паркираните автомобили.
Невремето времено ги запре возовите во некои делови од земјата. Некои вчера доцна попладнето почнаа да возат, но сообраќаат со многу доцнење.
Во Данска вчера на некои места паднаа до 50 сантиметри снег. Според данскиот метеоролошки институт, тоа е најголемата снежна бура во последните 13 години. На југоистокот на земјата, пак, поради големото количество дожд се закануваат поплави.
Предупредување за сопствениците на електрични возила
Во Норвешка метеоролозите најавија дека некои делови од земјата би можеле да доживеат најниски температури во последната деценија.
Норвешката автомобилска федерација (НАФ) соопшти дека електричните автомобили може да изгубат дури 36 отсто од својот домет на температури од 0 до -10 степени. Жителите на Литванија, Летонија и Естонија исто така се соочени со екстремно ниски температури.
Инаку, Скандинавија од декември се бори со студот.
Просечната температура во Норвешка во декември беше 2,3 степени под просекот, додека во Шведска и Финска температурите во некои региони биле дури 6 степени под просекот.
„Многу студеното време придонесе за замрзнување на Ботничкиот Залив, во северниот дел на Балтичкото Море, меѓу Шведска и Финска, порано од вообичаено“, вели Мика Ратанен, истражувач во Финскиот метеоролошки институт.
Патем, тој додаде дека тоа е најрано целосно замрзнување во овој дел од зимата од 2011 година.
„Во моментов изгледа дека оваа зима ќе имаме прилично добра ситуација со мразот во Балтичкото Море, веројатно најдобрата што сме ја имале во многу години“, вели Ратанен.
Се очекува дека сегашните ниски температури ќе траат до недела, а потоа треба да се вратат просечните вредности.
Студениот бран од Сибир и Арктичкиот регион ја зафати и западна Русија, а температурите во Москва и други места паднаа на -30 степени Целзиусови. Инаку, просечните јануарски температури на воздухот во тој дел на Русија се значително повисоки. Градските власти на Москва и Санкт Петербург издадоа т.нпортокалови предупредувања.
„Хенк“ ја опустоши Британија
Во другите делови на континентот, други екстреми.
На југ во Европа, температурите се многу поблаги, но некои земји се погодени од смртоносни поплави. Стотици предупредувања, според последните информации повеќе од 200, за поплави – се во сила низ Велика Британија откако бурата „Хенк“ ги зафати јужните делови на земјата, носејќи со себе силен ветер и обилен дожд. Можни се поплави на уште 272 места, предупредија надлежните институции.

Невремето однесе најмалку еден живот. Маж загина во вторникот кога дрво паднало врз автомобилот што го возел во Глостершир, на југозападот на Англија, објави локалната полиција.
Метеоролошкото биро издаде жолто предупредување за дожд низ јужна Англија до денес до 3 часот утрово, а голем дел од областа веќе е погодена од подземните води предизвикани од „Хенк“.
Десетици луѓе беа спасени од возила заробени од надојдените води. Неколку главни патишта во Англија се затворени поради поплави.
Железничките превозници предупредија дека повеќе услуги може да бидат откажани бидејќи луѓето низ јужна Англија се соочуваат со дополнителни предупредувања за поплави, прекини на струја и затворање на патишта. Во одделни делови од земјата ветрот оштетува и крши далноводи и ги запира возовите. Налетите на ветрот во некои области достигнаа брзина и до 150 км/ч.
Евакуации во Франција
И додека „Хенк“ се поднамалува, од утре пообилни врнежи од дожд се предвидуваат за јужна Англија, според Европската база на податоци за тешки временски услови.
Иако не се очекува дождот да биде толку силен како претходните денови, сепак ќе падне на почва веќе заситена со вода, што ќе го зголеми ризикот од нови поплави.
„Хенк“ донесе интензивни поплави и во северните делови на Франција.

Стотици луѓе останаа без струја, а повеќе од 370 луѓе беа принудени да се евакуираат.
Градот Па-де-Калас во северна Франција вчера беше под црвена тревога поради поплави, додека шест други локалитети во регионот под портокалова тревога, соопшти националната метеоролошка служба – „Метео Франс“.
Локалните власти го предупредија населението во погодените области да не се симнува во подрумите, да избегнуваат патувања и да се држат настрана од водотеците.
Обилните дождови доведоа до нови поплави во Германија и Холандија, по оние што веќе ги погодија тамошните региони во последните две недели.
(Фото: Јохан Нилсон, Адриан Денис, Бен Стансал / АФП)







