Ураганот „Отис“ се приближуваше вчера кон популарното летувалиште Акапулко и се очекува да стигне на брегот на Мексико како „исклучително опасна“ бура од петта категорија.
Се очекуваше дека „Отис“ ќе дојде на брегот рано утрово, носејќи силен ветер и силен дожд.
Веќе беше ураган од четврта категорија вчера доцна попладнето, со максимални постојани ветрови од 145 милји на час, соопшти американскиот Национален центар за урагани.
„До 18 часот по локално време, односно на полноќ по ГМТ, ‘Отис’ беше на околу 137 километри јужно-југоисточно од Акапулко и ќе продолжи да се зајакнува пред да стигне на копно“, додадоа од Центарот.
„Кога ‘Отис’ ќе дојде до брегот, би требало брзо да ослабне“, беше истакнато.
Се очекуваат ураганските услови да траат од 12 до 24 часа за делот од брегот помеѓу крајбрежните градови Зихуатанехо и Пунта Малдонадо во државата Гереро, а во која се наоѓа Акапулко, соопштија од НЦУ.
Невремето може да донесе до 38 сантиметри дожд во делови од Гереро и соседната држава Оахака, што може да предизвика поплави и лизгање на земјиште што ќе бидат опасни по живот.
Училиштата низ Гереро ја откажаа наставата за денес непосредно пред пристигнувањето на „Отис“, информираше гувернерката Евелин Салгадо на социјалните мрежи.
Три лица загинаа во текот на викендот кога ураганот „Норма“ го зафати северозападниот брег на Мексико. Неколку дена претходно, едно лице загина, а неколку беа повредени како последица на ураганот „Лидија“ што го погоди мексиканскиот брег на Тихиот Океан.
(Фото: Новинарска асоцијација – Пиксел)







