ЕК: Очекуваме новата влада во Северна Македонија да ги почитува ЕУ-заложбите

Европската комисија очекува добра соработка со новата влада во Северна Македонија и посветеност кон ЕУагендата, изјавија денеска од оваа институција.

На новинарско прашање дали Европската комисија навремено ќе го објави прогрес-извештајот за Северна Македонија и дали ќе можат да започнат преговорите за членство во ЕУ, портпаролката на Европската комисија не беше во можност да даде прецизен одговор засега.

– Со нетрпение очекуваме да соработуваме со новата влада во Северна Македонија и да продолжиме да ја следиме стратегијата за интеграција во ЕУ, ќе продолжиме исто така да работиме со Владата во борбата против пандемијата на Ковид-19, изјави заменичката на портпаролката за проширување.

Таа додаде дека Европската комисија исто така очекува од новата македонска влада посветеност кон остварување на ЕУ-реформите, посебно во делот на ЕУ-законодавството.