Премиерот на Македонија, Димитар Ковачевски, денес, одговарајќи на пратеничко прашање истакна дека земјата ја продолжува успешната трансформација кон зелена енергија. И годинава, рече, продолжуваат инвестициите во централи за производство на електрична енергија од обновливи извори. Овие инвестиции, посочи, требало да обезбедат поголемо производство на струја и енергетска независност на земјата.
„Само во 2022 година се изградени електроцентрали, со можност од 152 мегавати инсталиран капацитет, што произведуваат електрична енергија од обновливи извори. Регулаторната комисија за енергетика, минатата година издаде 267 дозволи за производство на зелена електрична енергија. Овие инвестиции имаат значаен придонес во енергетската трансформација и независност.
Овие нови централи што произведуваат струја од сонце, ветер, вода и биогас, и се изградени за една година, се еднакви со енергетските капацитети кои се граделе со години како ХЕЦ Козјак, ХЕЦ Св.Петка и ветерниот парк Богданци. Тоа што е правено со години, сега е направено за само една година. Со инсталираниот капацитет на овие 152 мегавати, може да се задоволат и се задоволуваат потребите на 65.700 домаќинства кои имаат просечна потрошувачка на електрична енергија. Односно, од овие капацитети од обновливи извори може да се задоволат потребите на домаќинствата од шест градови од земјава, како на пример, Охрид, Тетово, Кратово, Крушево, Крива Паланка и Свети Николе. Капацитет, направен, инвестиран и ставен во мрежа само во 2022 година“, рече Ковачевски.
Со измени во Законот за градење, вели, се поедноставиле процедурите за поставување на фотонапонски централи кои претходно траеја со месеци и претставуваа најголема пречка за нивно инсталирање на домаќинствата.
„Инвеститорите се сега должни само да ја известат Општината и да ги достават потребните документи со основниот проект за централата која што ја прават од овластена фирма. За правни лица ќе биде потребен извод од Централен регистар, а за физички лица копија од лична карта, потоа имотен лист за објектот на кој се поставува и основен проект за изведување на централата која што сакаат да инвестираат во неа. Контролата дали се поставени фотоволтаици како што е предвидено со проектот ќе ја вршат општинските инспектори“, истакна Ковачевски.
Премиерот посочи дека кај македонските компании владее огромен интерес за инвестирање во фотоволтаични електрани. Во 2019-тата имало 35 нови фотонапонски електроцентрали со моќност од 5,8 мегавати, во 2020-тата се 29 со инсталирана моќност од 7 мегавати, додека пак во 2021 година имало 48 електрани со моќност од 14 мегавати.
„Во периодот кога беше најскапа електричната енергија, поради фотоволтаиците имавме електрична енергија која што на крај доведе да имаме најевтина електрична енергија во регионот“, рече Ковачевски.







