Елизабет Борн ќе стане првата француска премиерка по 30 години

LinkSense.mk

Макрон за позицијата премиер бараше некој со искуство во работата со зелени и социјални политики

Францускиот претседател Емануел Макрон на чело на владата ја назначи министерката за труд Елизабет Борн, додека се подготвува за парламентарните избори во јуни, со што стана првата жена на таа функција од 1992 година, се вели во соопштението од Елисејската палата.

Претседателот на Републиката ја именуваше Елизабет Борн за премиерка и ја задолжи за формирање нова влада“, се вели во соопштението од кабинетот на претседателот.

Нејзиното познавање за работата на државата и француските синдикати ќе му биде корисно на претседателот во спроведувањето на реформите, вклучувајќи го и неговото контроверзно предизборно ветување – зголемување на старосната граница за пензионирање.

Едит Кресон досега беше единствената жена што ја извршуваше функцијата премиер, од 1991 до 1992 година, во времето на социјалистичкиот претседател Франсоа Митеран.

Макрон, кој за претседател беше реизбран во април, за позицијата премиер бараше некој со искуство во работата со зелената и социјалната политика, за да покаже дека ги слушнал фрустрациите на гласачите изразени со слаб одѕив и висок процент даден на крајната десница и крајната левица.

Во склад со тоа, многумина очекуваа дека Борн да ја добие работата.

Претходно, во текот на денот, премиерот Жан Кастекс поднесе оставка, отворајќи го патот за реконструкција на владата по реизборот на Макрон во април.

 

 

 

 

 

 

(Фото: АФП)