Енергетската криза тешко ги погоди Британците

LinkSense.mk

Во Велика Британија овие денови цените бележат драматичен раст, а сметките за гас и струја се зголемени за 50 отсто, заради што се проценува дека дури 1,5 милиони Британци ќе паднат на раб на сиромаштија.

Во Лондон литар бензин денес чини 1,67 фунти, а литар дизел 1,79 фунти.

Една од мерките на Владата поради високите цени на нафтените деривати во таа земја е намалувањето на давачките за пет пени по литар гориво.

Во Велика Британија се мешаат влијанијата на различните кризи од претходните години и заради тоа енормно растат цените на намирниците и трошоците за живот. Ова е најголем раст досега.

Сметките за гас во октомври лани пораснаа за 28 отсто, а сега во април ќе бидат поголеми за дополнителни 50 отсто. На пример, ако годишната сметка за гас лани беше 2.000 фунти за домаќинство, годинава ќе биде 3.000 фунти.

Вестите за нови поскапувања се секојдневни. Откупната цена на пилешкото од фармите е зголемена за 50 проценти, а значително поскапеа брашното и маслото за 16 отсто…

Се проценува дека годинава инфлацијата во Велика Британија ќе изнесува 7,5 отсто, што е многу ако се земе предвид економскиот развој на таа земја.

Едно големо истражување покажало дека осум милиони од вкупно 66 милиони жители во Велика Британија немаат пари за основни трошоци за живот.

Последната проценка вели дека 1,5 милиони жители, од кои 500.000 се деца, ќе паднат на раб на сиромаштија. Се претпоставува дека 23 милиони жители ќе бидат принудени да се откажат од некои основни потреби.

Драстичното поскапување на горивата влијае на сите аспекти од животот.

Велика Британија е малку зависна од рускиот гас, бидејќи увезува само три проценти, додека половина од потребните количини увезува од Северното Море, третина од Норвешка. Во тој контекст, украинската криза не влијае на снабдувањето со гас, туку влијае на цените на тој извор на енергија.

Кога станува збор за корона вирусот, Британија има се повеќе заразени и моментално има речиси пет милиони позитивни луѓе, што е 7,6 отсто од населението, но тоа сега не е клучна тема таму.

Процентот на вакцинирани на возраст од 12 години со втората доза е поголем од 86 отсто од населението, а со третата е 67,6 отсто. Доминантни се варијантите 1 и 2 на „Омикрон“. Мерките се целосно укинати, така што повеќе не е неопходно да се носат маски или да се изолираат во случај на инфекција. Во благ пораст е процентот на хоспитализирани и дневно има околу 100 смртни случаи од Ковид, а најмногу 200.

Се е отворено за патување и нема обврска за тестирање, па може да се патува како пред пандемијата. Сепак, некои авиокомпании ги откажуваат летовите за Велика Британија, бидејќи имаат многу заразени работници, чиј број е намален во претходниот период. Изи Џет последниов викенд откажа 222 летови, а 162 лета во понеделникот. Сепак, тоа е мал процент бидејќи во понеделникот имаа повеќе од 1.600 летови.