Ердоган: Ѓулен стои зад убиството на рускиот амбасадор

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган рече дека убиец на рускиот амбасадор во Турција е член на движењето на проповедникот Фетулах Ѓулен, непријателот на актуелната турска власт кого Анкара го обвинува дека го поттикнал пропаднатиот воен удар во јули годинава.

„Тој е член на терористичката организација ФЕТО, и нема причини тоа да се крие“, рече Ердоган на конференцијата за медиумите во Анкара, користејќи го скратеното име на мрежата на Ѓулен.

Ердоган изјави дека се укажувало на тоа, наведувајќи го местото каде е образуван и неговите врски.

Шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу уште вчера, во разговор со својот американски колега Џон Кери, рече дека Москва и Анкара „знаат“ дека мрежата на Фетулах Ѓулен стои зад тоа злосторство.

Портпаролот на Кремљ претходно изјави дека е важно да се почека за да се добијат резултатите од истражната група и дека не треба да се донесуваат избрзани заклучоци додека истрагата не утврди кој навистина стои зад убиството на амбасадорот.