Ерупција на вулкан на Јава: Пепел ги прекри околните градови и села

Најактивниот индонезиски вулкан Мерапи, на островот Јава, денеска повторно проработи, исфрлувајќи чад и пепел и лава по падините околу него.

Пепелта прекри неколку села и блиски градови“, рече Ханик Хумаида од Технолошкиот и истражувачки центар за геолошки катастрофи, и додаде дека вулканот утринава ослободил облаци со врела пепел најмалку седум пати.

На жителите им е упатен апел да не приоѓаат до кратерот поблиску од пет километри.

Од индонезиската Агенција за геологија и вулканологија е соопштено дека граѓаните треба да бидат свесни за опасноста што доаѓа од лавата.

Вулканот што е на височина од 2.968 метри се наоѓа на густо населениот остров Јава во близина на древниот град Јоџакарта. Најактивен е од десетината индонезиски вулкани и во последно време повеќе пати еруптираше. Во ерупцијата на вулканот во 2010 година загинаа 347 лица.

Индонезискиот архипелаг каде што живеат повеќе од 250 милиони луѓе се наоѓа на „Пацифичкиот огнен прстен“ и е наклонет кон земјотреси и ерупции на вулкани.