Жан Митрев, сопственик на истоимената приватна болница, дал гаранција од 1 милион евра дека нема да бега по случајот што против него го отвори скопското Јавно обвинителство.
Кардиохирургот, осомничен дека во периодот од април 2020 година до 2022 година, со намера да прибави противправна имотна корист, со лажно прикажување факти, ги довел во заблуда пациентите лекувани од Ковид-19, парите на сметка на судот ги уплатил пред околу еден месец.
Претходно, судија на претходна постапка, откако Јавното Обвинителство го сослуша и побара мерка за обезбедување, на Жан Митрев му го одзеде пасошот.
Од Обвинителството очекуваат дека истрагата ќе заврши за околу три месеци, а досега биле сослушани околу 80 отсто од лицата што се пријавиле дека биле оштетените.
„На истрагата во моментов засилено работат финансиски, но и компјутерски истражители“, информираше денеска првиот човек на скопското обвинителство, Гаврил Бубевски.
Неодамна, министерот за здравство, Беким Сали, изјави дека кај нив постојат податоци за 620 пациенти лекувани со хемофилтрација во приватната клиника „Жан Митрев“.
Министерот Сали, во врска со случајов, формираше специјализирана комисија која треба да ја испита оправданоста од употребата на оваа метода, но и наводите за интрахоспитални инфекции во клиниката.
Засега резултати се уште нема, иако тие беа најавени за почетокот на октомври.