Жбогар одржа прием по повод неговото заминување

Евроамбасадорот Самуел Жбогар, синоќа по повод неговото заминување од функција одржа прием, на кој присуствуваа високи функционери.

Премиерот Зоран Заев на неговиот фејсбук профил му порача на Жбогар дека неговата поддршка, неговото пријателство, искуство и трпение биле драгоцен стимул и партнер за нивната работа како Влада.

„Му благодарам за неговиот неизмерен придонес во зајакнувањето на соработката меѓу Република Северна Македонија и Европската Унија и забрзување на нашиот пристапен процес во ЕУ“, наведе Заев.

Министерот за здравство Венко Филипче посочи дека Жбогар е еден од
најголемите поддржувачи на нашата земја на патот кон ЕУ.

„Му благодарам за поддршката во изминатиот период, особено во моментите на справување со пандемијата од ковид-19. Чест ми е што вечерва присуствував на приемот кој го организираше евроамбасадорот по повод неговото заминување. Европската Унија е нашиот партнер и заедно продолжуваме понатаму“, потенцираше Филипче.

Самуел Жбогар функцијата евроамбасадор во нашата земја ја извршува
од 1 септември 2016 година, кога го замени дотогашниот шеф на Делегацијата на ЕУ Аиво Орав.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија Жосеп Борел во јуни годинава
го номинираше Дејвид Гер за нов шеф на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, кој треба да дојде на местото на Жбогар.