Живко Митревски самоволно потпишал договор со ВМРО-ДПМНЕ

Синдикатот на УПОЗ бара оставка од Живко Митревски. Велат дека без одлука на претседателството или советот на ССМ, Митревски, ја злоупотребил својата позиција и потпишал меморандум за соработка со ВМРО-ДПМНЕ, што било во спротивност со статутот и програмата на ССМ.

Од УПОЗ најостро реагираат на, како што истакнуваат, штетниот и дрзок чин на кој Живко Митревски, заради свои потреби и лични привилегии, го туркал синдикатот во партиски канџи.

„Без консултации, самоволно, на своја рака го потпиша меморандумот за соработка со ВМРО – ДПМНЕ. За вакво вртење на курсот и занемарување на заложбите на синдикатот да ги штити правата на работниците, а не на партиите, мора да одлучи и заседава претседателството и тоа со консензус, а не со надгласување или советот на ССМ како највисок орган. Митревски, вие ја злоупотребивте функцијата претседател на ССМ и затоа бараме веднаш ваша неотповиклива оставка“, се наведува во соопштението од УПОЗ.

УПОЗ, велат од таму, се бори за работничките права, но не и за политичко агитирање и инволвирање. Тие го обвинуваат Митревски дека не се бори за работниците, туку за лични интереси.