Посветеноста и напорната работа го направија „Алкалоид“ водечка компанија во Западен Балкан
„Денес ‘Алкалоид’ е меѓу водечките фармацевтски индустрии во Југоисточна Европа, со близу 2.700 вработени, со продажба во околу 50 земји и со добро распространета продажна мрежа од 21 канцеларија во 15 земји. Успехот на ‘Алкалоид’ се заснова, пред сè, на квалитетниот кадар кој работи во компанијата, квалитетот на брендот ‘Алкалоид’ и на нашите поединечни брендови, кои ги граделе генерации алкалоидовци со години. Во својата долга историја ‘Алкалоид’ минал низ многу кризи, но секогаш покажувал отпорност и брзо приспособување кон промените. Можеби клучни во контекст на успешниот развој се зборовите посветеност и напорна работа. Во моментов ‘Алкалоид’ е компанија од 2.700 семејства и секој член на големото семејство алкалоидовци придонесува нашата успешна приказна да расте и да се развива. Гордо, самоуверено и посветено продолжуваме да работиме на глобализацијата на брендот ‘Алкалоид’, притоа строго водејќи сметка за етичките стандарди, кредибилитетот и за професионалниот пристап во целокупното работење“, истакнува во интервју за српски „Профит“, генералниот директор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов.
„Во време на криза од каков било вид учиме дека компаниите и поединците мора да покажат солидарност и високо ниво на емпатија. Оперативниот менаџмент беше подигнат на највисоко можно ниво во сите сегменти. Во секојдневните процеси превладуваат рационалноста и смиреноста, а изнаоѓањето алтернативни начини за комуникација со вработените, потрошувачите и со акционерите, како и одржливото приспособување кон промените и, пред сѐ, истрајноста беа главните карактеристики на секојдневното функционирање. Особено ми е драго што во специфичните услови на работење, особено во последните три години, успеавме да обезбедиме пласман на сите пазари каде што сме присутни и да останеме доверлив партнер на здравствените системи, обезбедувајќи непречено снабдување со висококвалитетни производи по пристапни цени, и покрај нарушените дистрибутивни канали“, додава Мукаетов.
Во интервјуто, тој нагласи дека една од главните компоненти низ долгото постоење на компанијата се инвестициите.
„Задоволството е навистина големо кога брендот станува составен дел од животот на луѓето…“
Живко Мукаетов
„Во 87-годишното постоење на ‘Алкалоид“ се инвестициите. Во последните три децении нив интензивно ги насочивме кон следење на најновите трендови и достигнувања во фармацевтската индустрија, инвестирајќи во градење и во проширување на производствените капацитети и на капацитетите за истражување и развој, како и во инсталирање современа опрема, лаборатории, во технологии, современ софтвер и во добро обучен кадар. Фармацевтската индустрија се смета за многу динамична, па затоа инвестициите се неопходен предуслов за градење модерно и конкурентно портфолио, кое ќе придонесе за подобро позиционирање и за подобри пласмани со фокус на странскиот пазар. Само во последните пет години инвестиравме 104,1 милиони евра во земјите од регионот, за што неодамна Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан нѐ прогласи за водечки инвеститор“, потенцираше Мукаетов.
„До крајот на годината очекуваме да го довршиме нашиот мегапроект ‘Таблетно 2’, чија цел е повеќе од двојно поголем обем и поголема флексибилност на производството на цврсти фармацевтски форми“, појасни првиот човек на „Алкалоид“.
Запрашан за тоа на кои пазари ги извезуваат нивните производи и производи се најзастапени во извозот, Мукаетов вели:
„Во текот на првиот квартал од 2023 година, 72% на нашиот пласман беше наменет за извоз, и земјите од регионот се наши традиционални извозни пазари, каде што генерации пораснаа со нашите производи. Задоволството е навистина големо кога брендот станува составен дел од животот на луѓето. Нешто во што веруваат со години и што ја оправда нивната верба во квалитетот. Покрај земјите од регионот извезуваме и во земјите од ЕУ, Источна Европа, Северна Америка, како и во некои земји од Блискиот Исток, Канада Италија, Австрија, Шпанија, Португалија и слично“.