Тара Рид, поранешна вработена во Сенатот, која за време на кампањата во 2020 година го обвини Џо Бајден, тогаш претседателски кандидат на Демократската партија, за сексуално вознемирување, преку провладините руски медиуми објави дека поради „растечкиот политички притисок пребегнала во Русија“.
„Сè уште сум во неверување, но се чувствувам прилично добро“, изјави Рид за „Спутник“, додавајќи дека „конечно се чувствува безбедно“.
Рид, на почетокот на 1990-те, беше помошник на Џо Бајден додека тој ја извршуваше должноста сенатор во државата Делавер.
Во 2020 година, таа го обвини за сексуално вознемирување.
Тврди дека во 1993 година, Бајден ја турнал до ѕидот на ходникот на американскиот Сенат и почнал да ја пипка.
Иако нејзината приказна привлече голем интерес кај американската јавност и медиумите, неколку организации покренаа истрага врз основа на нејзините наводи и не најдоа веродостојни докази за да го поддржат нејзиното тврдење.
Меѓутоа, Рид беше само една од неколкуте жени кои го обвинија Бајден за непримерно и несоодветно однесување, поради што тогашниот претседателски кандидат на Демократската партија и неговиот штаб постојано преку медиумите мораа да и објаснуваат на јавноста дека не станувало збор за сексуално вознемирување, туку за, како што тврдеа, „прекумерна блискост на Бајден со луѓето“…
„Тој е тактилна личност. Љубовта и грижата ги покажува со тоа што често им влегува на луѓето во личниот простор. Станува свесен за фактот дека околностите значително се променија во последниве години во екот на движењето ‘Ми ту’ (MeToo), поради што таквото однесување стана несоодветно и непримерно, и тој ќе работи на тоа“, објаснија неговите вработени.
На прес-конференција во Русија, Рид беше претставена како „писател“ и „публицист“ и поранешен помошник на актуелниот американски претседател Џо Бајден.
До неа, како поддршка, седеше обвинетата руска агентка Марија Бутина, која во декември 2018 година се изјасни за виновна по сите точки од обвинението за заговор и благодарение на соработката со американското обвинителство и беше изречена затворска казна од „само“ 18 месеци.
Бутина, имено, е докажано дека работела на создавање тајни комуникациски канали меѓу Русија и американските конзервативни интересни групи, меѓу кои и НРА.Откако Белата куќа за време на претседателствувањето на Трамп ја депортираше во Русија, таа стана пратеник на партијата на Путин во Државната Дума.
„Навистина ја ценам Марина и сите службеници на руската администрација кои ми понудија заштита во овие турбулентни времиња“, рече таа, признавајќи дека од 2020 година се нашла во бројни ситуации во кои повеќе не можела да процени кому може да му верува.
Рид неодамна сериозно ја разгледуваше идејата да сведочи во Претставничкиот дом (во кој мнозинството го имаат републиканците на Кевин МекКарти), каде што требаше повторно да изнесе серија обвинувања против Бајден и неговото семејство.
Одлуката за да побегне во Русија, истакна во разговорот за „Спутник“, ја донела „со тешко срце“.
„По природа не сум импулсивна личност.Сакам да одвојам време и да ги анализирам податоците пред да донесам конечна одлука“, објасни таа.
Меѓутоа, кога сфатила дека во САД се „готви“ нова претседателска кампања, што значи дека нејзиното име повторно ќе почне да се појавува во медиумите, се решила за радикалниот чекор, да пребега во странство.
„Тука ми е навистина подобро. Се надевам дека еден ден ќе можам да се вратам дома, но се помирив и со тоа дека можеби засекогаш ќе останам да живеам во Русија“, изјави Рид.
На конференцијата за руските медиуми, Рид им се извини на „браќата и сестрите од Русија заради тоа што сегашното раководство на нејзината земја ја поддржува Украина во, како што наведе, „руската специјална воена операција“.
„Жал ми е што американската елита во моментов има многу агресивен тон кон Русија. Сакам да ви порачам дека повеќето Американци со вас сакаат да негуваат пријателски односи“, рече таа.
(Фото: АФП)