Забрана за камиони на Стража, Пресека и Маврово-Дебар

Поради врнежите од снег воведена е забрана за движење на тешки товарни возила на патниот правец Кичево–Охрид преку планински превој Пресека и на патните правци Гостивар–Кичево преку планинскиот премин Стража, како и на кракот Маврово–Дебар.

Сообраќајот се одвива отежнато по влажни коловози.

Се препорачува исклучително внимателно возење, прилагодена брзина на движење спрема условите и почитување на поставената сообраќајна сигнализација.

Во клисурите и засеците можна е помала појава на одрони, особено на патните правци: Кочани–Македонска Каменица–Делчево, Виница–Берово, Гостивар–Стража, Маврово–Дебар–Струга, Демир Капија–Удово, Катланово–Велес, Крушево–Демир Хисар и Ресен–Буково.

Снегот го забави градскиот и меѓуградскиот превоз, но без значителни проблеми, а засега не предизвикува проблеми во авиосообраќајот, каде тековно се реализираат планираните полетувања и слетувања.

sneg-111

Поради спуштање на поларна воздушна маса од север во попладневните и ноќните часови врнежите од снег ќе се прошират насекаде и наместа ќе бидат интензивни.

Насекаде ќе се формира снежна покривка (на планините над 50 сантиметри, а во пониските места од 10 до 20 сантиметри.

Ќе дува умерен до засилен северен ветер.

Температурата ќе биде во интервал од 0 до осум степени. Во Скопје ќе биде облачно со врнежи од снег, кои повремено ќе се интензивираат и ќе се формира снежна покривка до околу 20 сантиметри. Температурата ќе биде околу 0.

Врнежи од снег ќе има и утре, особено претпладне, но тие ќе бидат со намален интензитет. За време на викендот облачноста делумно ќе се намали и ќе биде многу студено. Преку денот најстудено се очекува да биде во сабота со температури од минус 12 до минус шест, а во недела утринските температури ќе се движат од минус 22 до минус 10 степени.

Највисока снежна покривка во Македонија до 13 часот денеска има во Маврови Анови каде што паднаа 25 сантиметри снег, во Пожаране 19 сантиметри, Тетово 18, Лазарополе 12, осум сантиметри во Скопје-Зајчев Рид, пет во Ѓуриште, четири во Куманово, а еден сантиметар во Крушево.