Забранети летови и карантин за патниците од Британија, се работи на побрза набавка на вакцини

Поради појавата на нова мутација на коронавирусот во Велика Британија, од денеска се забранети сите летови од и кон оваа држава.

Мерката за оваа забрана ќе трае до крајот на годинава.

Кај нас надлежните уверуваат дека вирусот е под контрола, а во однос на вакцината, се е подготвено навреме за нејзина набавка.

Превентивната мерка за забрана на летови од и во Велика Британија ја усвои синоќа Владата по препорака на Комисијата за заразни болести.

Дополнително, за сите граѓани кои во земјава со директни летови ќе дојдат од Велика Британија, како и за оние патници кои од таа држава ќе стигнат во земјава по копнен пат, ќе важи мерката задолжителна 14-дневна самоизолација.

Во меѓувреме надлежнита работат на набавка на вакцини против Ковид-19.

Покрај Ковакс системот, се водат и директни преговори и разговори со производителите на вакцината.

Премиерот Зоран Заев вчера потврди дека се е направено навреме за набавка на вакцина.

Тој очекува следните денови да се најде решение и за директна набавка.

Од Бирото за јавни набавки се бара решение како директно да се купи вакцината.

„Владата очекува од Бирото за јавни набавки да бидат инвентивни и да кажат како може тоа да се направи. Доколку одговорот биде дека не може, министерот за здравство со Министерството за финансии и Генералниот секретаријат на Владата ќе работат на дополнување на членот на Законот за јавни набавки со поглавје Ковид-19 заради набавка на вакцини, лекови и сл. да има можност директно по пат на преговарање да можат брзо да ја направат набавката. Очекувам во следните денови да се најде решение“, рече вчера Заев.

Постои и можност за директна поддршка од Грција и Бугарија, а се размислува и за грант од 70 милиони евра за Западен Балкан за набавка на вакцините.

Прашан дали доцниме со набавка на вакцина за коронавирусот, Заев изјави дека се е навреме направено, и со контакти и со финансии.

Се очекува деновиве да почне вакцинацијата во земјите од ЕУ откако вчера зелено светло за вакцината на Фајзер и Бионтек даде и Европската агенција за лекови.

Агенцијата и препорача Европската комисија да даде условно одобрение за ставање во промет на вакцината, што треба да се случи за два дена.

Во САД, пак, почна вакцинацијата и со вакцината на „Модерна“.

Вакцините, според првичните истражувања на СЗО, ќе бидат ефикасни за заштита и од новата варијанта на коронавирусот.

Иако побрзо се шири, заасега нема докази дека новата мутација на коронавирусот ќе доведе до зголемена смртност.

Бројот на заразени од КОВИД-19 од почетокот на пандемијата во светот достигна 77,5 милиони.

Оздравеле 54,4 милиони, активни во моментов се 21,4 милиони, а битката со кононавирусот ја загубиле 1,7 милиони луѓе.

Кај нас вкупниот број дијагностицирани достигна 78434, оздравени се  55155, а починати 2314. Бројот на активни случаи е 21 979.

Во нашите болници се лекуваат 1197 пациенти, позитивни и сомнителни на КОВИД-19.

Има околу 280 празни болнички кревети во ковид–центрите.

Во вчерашниот здравствен биланс беа евидентирани нови 129 случаи на КОВИД-19 од направено 591 тестирање, а 63 од новозаразените се во Скопје.

Починаа 22 лица, а оздравени се 689 пациенти.